милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

НУБ – Национално упропастена библиотека

Секој дожд врз Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје е само капка во морето негрижа кон установите со предзнак национална.

Додека сите сетила ни се нападнати од хиперинфлацијата на фрази за одбрана на македонскиот идентитет, се распаѓа уште една установа од пошироко општествено значење – Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје.

Речиси еден месец помина откако студентот Бурхан Османи сподели фотографии на социјалните мрежи за да го отслика пропаѓањето на објектот: искршени столици и маси, уништени подови покриени со локви вода… Од постар датум се, пак, дефектите на лифтот во зградата и на механизмот за пренесување книги од архивата. Во вакви услови се подразбира дека и читалните се затворени.

Сè уште чекаме добри вести оттаму. Во моментов, единствени што се грижат распадот на библиотеката и нејзиниот фонд да биде побавен, се кофите наместени за да собираат дождовница. Евентуално и сите две хигиеничарки кои ги поместуваат садовите од едно на друго место.

Надлежните за грижа кон НУБ си ја префрлаа одговорноста за нејзиното тивко умирање. Во преписката меѓу директорот на НУБ, Фримзим Даути од ДПА, и министерката Ирена Стефовска од СДСМ (партиите ги споменувам зашто тие се единствен критериум денес да се дојде до некаква функција), изговорот беше бирократски, од типот „барањето за санација на објектот е поднесено во погрешна графа“. Да не е тажно би било смешно.

Некогаш велелепното архитектонско здание, дело на Петар Муличковски, изградено во 1971 година, специфично по релјефите на фасадата кои се мотивирани од македонското културно наследство, е сместено во делот од градот што требаше да биде епицентар на образованието, науката, културата и уметноста. Но денес покрај Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, покрај МАНУ и МНТ, никнуваат катни гаражи и приватни хотели. Рака на срце, и понекој ресторан. Барем тој е национален.

Пред пет години, тогашната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска, најави санација на библиотеката: нов покрив, електрична инсталација, водоводна мрежа, санитарен јазол, промена на ентериер. Зафатот за поправка на кровот требаше да чини 36 милиони денари. Во таа 2016 година, беше речено дека на реконструкција се чека од 2009 година.

До тековнава 2021 година се сменија неколку состави на влади, со нив и министри за култура од повеќе политички партии. Се чини дека ниеден од нив не свратил во НУБ (во меѓувреме имаше барем прослава на 75 години постоење во 2019 година, ако ништо друго) и притоа не го кренал погледот нагоре за да процени колку битумен треба да се стави на покривот за барем привремено да се закрпат дупките.

Свесен сум дека мора да се почитува процедурата – барање до Министерство, одобрување буџет, распишување тендер и други предвидени постапки со цел да се спречат злоупотреби, но ако сето ова не се заврши до новата сезона на дождови – Бурхан ќе треба да изнајде уште загрижени студенти за да ги заштитат книгите од тоа национално благо што се под ризик од темните облаци што се задаваат над покривот што прокиснува. Среќа што облаците ги нема толку откако почна летово.

Да имаше добра волја, доволно ќе беше да се издаде бифето на некој корисник (она старо добро бифе, кое го паметиме од нашите студентски денови поминати во него додека книгите се одмораа од нас), а тој што ќе го изнајмеше ќе требаше само да стави еден слој заштита на покривот додека не се најде некој порешителен и поодговорен министер кој ќе тропне на маса на седница на Владата и ќе побара пари за враќање на стариот сјај на НУБ-от.

Секој дожд врз НУБ, за жал, е само капка во морето негрижа кон установите со предзнак национална. На совеста на сите министри и влади од кои протекува неодговорност и негрижа ќе остане и ова злодело врз националниот идентитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот