
Ново научно достигнување: Пристигнува „спирала за мажи“, нехормонска контрацепција што трае две години
Контрацептивот познат како „Адам“ е хидрогел растворлив во вода, кој се имплантира во ејакулациските канали, спречувајќи мешање на сперматозоидите со спермата. Компанијата зад овој производ, „Контралајн“, вели дека овој пристап нуди реверзибилна алтернатива на кондомите и вазектомијата, со хидрогел дизајниран да се разгради во телото по одреден временски период, со што се враќа плодноста, пишува „Гардијан“.
Препорачано
„Контралајн“ ги објави деталите од првата фаза на клиничкото испитување, покажувајќи дека „Адам“ успешно го блокира ослободувањето на полови клетки 24 месеци, без присуство на сперматозоиди во спермата кај двајца учесници кои ја достигнале таа временска точка. Исто така, не се забележани сериозни несакани ефекти.
„Ова е навистина возбудливо, затоа што нашата цел од самиот почеток беше да создадеме контрацептив за мажи што трае две години. Тоа е она што се бара: привремена, реверзибилна контрола на раѓање за мажи. И сега ги имаме првите податоци кои покажуваат дека тоа е можно“, изјави Кевин Ајзенфратс, основач и извршен директор на „Контралајн“.
Во клиничкото испитување учествуваат 25 мажи кои се приклучиле во различни временски периоди, а се очекуваат и нови резултати.
Ајзенфратс го опиша производот како „одличен доказ на концепт“ и нагласи дека имплантот се вградува преку минимално инвазивна процедура што трае околу 10 минути со локална анестезија, при што пациентот останува буден.
Иако „Адам“ не е првиот машки контрацептив што функционира со блокирање на ејакулациските канали, Ајзенфратс вели дека претходни импланти користеле материјали што не се разградливи, со малку податоци за враќање на плодноста по нивно вадење и дека постоеле грижи за можна појава на лузни или трајна стерилност.
Резултатите сè уште не се објавени во рецензирано научно списание и не вклучуваат податоци за реверзибилноста на имплантот.
Сепак, според Ајзенфратс, хидрогелот има предвидливо времетраење и докажано се разградува со тек на време – што било утврдено преку тестирање на животни и ниски дози кај луѓе.
„Целта е да добиеме нешто налик на спирала, но за мажи“, објаснува тој, додавајќи дека по две години, мажите ќе можат да одлучат дали сакаат повторно да го имплантираат производот.
Што е разликата меѓу сперма и сперматозоиди?
Спермата е вискозна беличеста течност која ги содржи сперматозоидите, машките репродуктивни клетки. Таа се создава од семени везикули, простата и булбоуретралните жлезди и служи како транспортен медиум за сперматозоидите, обезбедувајќи хранливи материи и заштита при нивното патување низ женскиот репродуктивен систем.
Сперматозоидите, пак, се микроскопски клетки со форма на пуноглавец, составени од глава со генетски материјал и репче за движење, и се суштинска компонента за оплодување.
Што следува?
Тимот работи и на процедура што ќе овозможи враќање на плодноста по желба на корисникот. Ајзенфратс вели дека мажите ќе можат и дома да вршат тестови на сперма за да ја следат ефикасноста на контрацепцијата.
„Контралајн“ планира почеток на втората фаза од клиничкото испитување во Австралија до крајот на годината, со 30 до 50 нови учесници.
Професорот Ричард Андерсон, експерт за хормонска машка контрацепција од Универзитетот во Единбург, ги поздрави резултатите, велејќи: „Импресивно е што ова изгледа како нешто што навистина функционира. Сега имаме и хормонски и нехормонски методи во напредна фаза на развој, што е значителен напредок“.
Сепак, и тој и професорот Џон Аутли од Вашингтонскиот државен универзитет укажуваат дека сè уште нема објавени податоци за реверзибилноста и траењето на еден имплант, како и за неговото евентуално отстранување.
Аутли додава дека иако Адам има потенцијал да биде силна контрацептивна опција, останува прашање дали мажите ќе го прифатат: „Со оглед на можноста за избор помеѓу пилула, фластер, инјекција или операција, мислам дека повеќето мажи би одбрале пилула или фластер пред хируршки зафат“.