
Новиот Закон за работни односи ќе стапи на сила од јануари идната година- најавува Дурмиши
Од Министерството за економија и труд велат дека со новите мерки во трудовото законодавство, ќе се намали неформалниот труд и ќе се зголеми вработливоста, особено кај сезонските работници
Министерот за економија и труд најави нови мерки во трудовото законодавство, кои ќе бидат содржани во новиот Закон за работни односи, кој ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година. Според Дурмиши, со нив ќе се намали неформалниот труд и ќе се зголеми вработливоста, особено кај сезонските работници.
Препорачано
– Економијата мора да биде човечка и инклузивна. Секое ново работно место, секој стартап и секоја инвестиција во знаење и технологија е инвестиција во иднината на нашата земја. Со секоја нова мерка за поддршка на фирмите и со секој циклус за обука на младите, ја потврдуваме визијата дека Македонија е место каде што секој потенцијал може да се реализира – истакна министерот обраќајќи се на бизнис-конференцијата – „Бизнис лидер“.
Пролетоска беше изгласан Законот за привремено и сезонско ангажирање лица, со кој на работодавачите им се овозможи да ги пријават ангажираните работници за привремена или сезонска работа, за што работниците добија пензиски и здравствени придонеси, а државата ќе си ги наплати давачките, кои досега не можеше.
– Лицата ангажирани во согласност со овој закон нема да ги загубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна или старосна пензија, стипендија или право на редовни студии. Во оваа законска категорија граѓани спаѓаат: пензионерите, студентите, сезонските работници, особено оние ангажирани во земјоделството, овоштарството, угостителството и сервисните дејности, како и невработените, но и вработените; лицата помлади од 18 години што ги исполнуваат условите за работа, како и странците со регулиран престој – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, по изгласувањето на Законот.
Инаку, новиот Закон за работни односи беше најавен како суштинска реформа уште пред седум години, а извори од ССМ, но и од ОРМ за „Слободен печат“ велат дека се завршени 70 отсто од работите, додека за 30 отсто од важните прашања не бил постигнат договор. Во меѓувреме, беа протнати измените во актуелниот Закон за работни односи, со кои се предвиде ангажирање работници за прекувремена работа со нивна согласност за потребите на изградбата на Коридорите 8 и 10Д, кои предизвикаа бурни реакции. Претходно имаше и други пробиви на Законот што се однесуваа на опфатот на неработната недела. Последна во низата измени по скратена постапка беше намалениот праг на синдикалното членство од 10 на 5 отсто, со образложение дека така ќе имало повеќе застапници на работниците во Економско-социјалниот совет?!
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши уште во април годинава истакна дека реформата на трудовото законодавство не е само технички процес, туку одлука за насоката што треба да ја заземе пазарот на трудот во нашата земја. Според него, дебатата требала да ѝ помогне на Владата да одлучи што ќе прави со Законот за работни односи кој е нефункционален, бидејќи од 2005 година кога е донесен до сега, има 28 измени и дополнувања.
Најболната точка за синдикалците се договорите на определено време. ССМ бара тие да траат максимум една, а во последниот пречистен текст на Нацрт-законот за работни односи, нивното времетраење остана на пет години! Според последната изјава на министерот Дурмиши е дека не се разговарало за намалување на рокот на договорите за определено време.