
Новиот труд „Преплетувања“ на Васил Тоциновски е објавен во издание на „Современост“
Новиот труд „Преплетувања“ на македонскиот писател и научен работник Васил Тоциновски е јубилејна десетта книга книжевна критика и есеистика. Издавач е редакцијата на најстарото македонско книжевно списание „Современост“.
Препорачано
Нејзината содржина ја составуваат шеесетина текстови за изданија на македонски и автори од балканските литератури од новата тековна продукција и за одредени појави и состојби во македонската културна современост.
Станува збор за текстови публикувани во македонската и во странската книжевна периодика, за поговори и предговори што собрани на едно место претставуваат интересен и добредојден аргумент за тематските и есеистички вредности како знакови на идентификација на тематските, јазичните, на естетските достоинства со нагласен акцент содржан и во насловот на книгата за преплетувањата или поточно заедништвото на книжевностите во создавањето на мостови за пријателство, доверба и соработка меѓу народните и државите. Секој текст е своевиден творечки профил со елементарни биографски податоци, а книжевниот резултат се разгледува и толкува, децидно се одредуваат неговите тематски и поетички посебности не само во опусот на разгледуваниот писател, туку и во традицијата и континуитетот на националната литература на која ѝ припаѓа авторот.
Творечкиот и љубопитен литературен критичар со еднаква страст и почит разгледува и вреднува дела од поезијата, прозата, книжевноста за деца и млади, драмски дела, книжевна историја, критика и есеистика. Не му е туѓ ниту еден книжевен жанр и род. Притоа посебно се задржува на темата и мотивите, ликовите и карактерите, наративот што го заокружуваат полето со истакнување на автономната поетика до врвот на естетските резултати.
За него, исто така, нема граници и во генерациската припадност на авторите како своевиден став за целината во која најдобро, најуверливо се потврдуваат со самобитноста на пишаниот збор како релевантен знак на традицијата и континуитетот на една национална книжевност и нејзиното место и значење во големото семејство на светската литература. Тие ставови за пресоздавање на животот и на вистината во литература како повозвишена и трајна вредност произлегуваат од мерата за универзалните димензии на пишаниот убав збор.
По неколкуте понови книги Васил Тоциновски посебно внимание посветува на одредени состојби создавајќи читливи и примамливи есеи за нешта кои менуваат и надградуваат со нови информации и знаења.
Книгата „Преплетувања“ на Васил Тоциновски е своевиден летопис за состојбите и резултатите на македонската литература во овие неколку последни години и со онаа древна порака оти писателот нема да го промени светот, но секако оти без него тој би бил посиромашен и безначаен. Тоа е ликот на нејзиното височество книжевноста.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 285, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.6.2025)