Јаков Милатовиќ убедливо го победи Мило Ѓукановиќ на изборите во Црна Гора/Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Новиот претседател на Црна Гора дециден: Нема повлекување на признавањето на Косово

Новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ за телевизијата Нова изјави дека европскиот пат на Црна Гора е неспорен и дека надворешната политика – врз основа на потпишаните меѓународни договори – нема да се промени.

На новинарско прашање дали тоа значи дека не е реално да се очекува повлекување на признавањето на Косово, Милатовиќ рече дека „ова е јасно“.

„Ние поддржуваме се што ќе се договорат Белград и Приштина. Мислам дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е важна за сите земји во регионот, а Црна Гора сака да биде добар сосед кој ќе ги унапредува добрососедските односи“, рече Милатовиќ.

Во вториот круг од изборите во недела, на 2 април, Милатовиќ го победи поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, со што стави крај на децениското владеење на Демократската партија на социјалистите во Подгорица.

Во претходните изјави за медиумите тој потврди дека ја поддржува регионалната иницијатива Отворен Балкан, на која Црна Гора во моментов не припаѓа.

Милатовиќ рече дека верува оти иднината на Западен Балкан е европска и дека Црна Гора може да биде важен партнер таму.

„Црна Гора може да игра важна улога – како локомотива која може да биде прва што ќе влезе во ЕУ – и да ги притисне, исто така, сите земји од Западен Балкан да ни се придружат“, рече тој

Тој во интервју за Асошиејтед Прес рече дека еден од главните надворешнополитички приоритети ќе биде забрзување на членството на земјата во ЕУ и дека се надева дека Црна Гора ќе стане членка на ЕУ во следните пет години.

Милатовиќ истакна дека тоа е особено важно кога станува збор за руската окупација на Украина.

„Надворешна политика во целосна согласност со онаа на ЕУ е она што Црна Гора треба да го води во иднина, а тоа е особено важно сега кога станува збор за руската агресија во Украина. Мислам дека во Европа, а секако и во Црна Гора, никој може да поддржи инвазија на друга суверена држава“

Пред победата, аналитичарите рекоа дека сè уште не е јасно дали Милатовиќ и неговата растечка партија „Европа сега“ ќе продолжат да спроведуваат проевропска политика.

Во понеделникот ЕУ изрази подготвеност да работи со новоизбраниот претседател на Црна Гора, изразувајќи уверување дека оваа земја ќе остане посветена на европскиот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот