Загадување, горење гуми во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Новиот предлог КЗ предвидува високи казни – За екоцид ќе може и доживотно да се оди на робија

Ново кривично дело „екоцид“ и нов член што предвидува затворска казна од 10 години до доживотен затвор за првпат е предвидено и во новиот предлог Кривичен законик што e веќе изготвен, преведен и доставен на мислење до Европската комисија.

Оваа верзија на Кривичниот законик со години ја изготвуваше работна група од експерти, но нивната работа беше пресретната од контроверзните измени на Кривичниот законик, кои експресно беа изгласани во Собранието, а со кои застареа кривичните дела на голем број функционери од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Па така овие строги казни против животната средина паднаа во сенка поради намалувањето на казните за делото злоупотреба на службената положба.

Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава беше децидна и препорача да се донесе нов Кривичен законик (КЗ).

Според верзијата на КЗ што претходно беше јавно објавена на ЕНЕР и која треба прво да го помине филтерот на Европската комисија, во главата „кривични дела против животната средина“ има сериозни затворски казни за загадувачите, а докажувањето на загадувањето на воздухот, на водата, почвата, природата… се допрецизира.

„Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“, пишува во новиот член од Предлог-кривичниот законик.

Во него има допрецизирање и на другите членови од оваа глава, па затворска казна ќе добие секој што загадува повеќе од дозволеното.

„Тој што испушта отровни или издувни гасови, материи или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почвата во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, ќе се казни со затвор од една година до три години. Тој што испушта отровни или издувни гасови, материи или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или во почвата, во петкратно или поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, ќе се казни со затвор од една до пет години“, пишува од предлог-законот.

Ригорозни казни се предвидени и за правните лица, иако во стариот Кривичен законик казната за правните лица немаше законски максимум, туку беше предвидена затворска казна од најмалку пет години.

„Службено или одговорно лице во правно лице кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење на погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздух, почва, вода или за спречување бучава, кои двојно ја надминуваат дозволената граница, ќе се казни со казна затвор од една до пет години. Службено или одговорно лице во правно лице кое со делото од ставот (4) на овој член ќе предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со казна затвор од четири до десет години“, се додава во оваа глава.

Во подготвувањето на овие членови во Кривичниот законик учествувала невладината организација „Центар за правни истражувања и анализи“.

Никола Јовановски, програмски менаџер на здружението, за „Слободен печат“ вели дека во делот на заштитата на животната средина, во Предлог-законот се воведени четири нови дела, а делото „екоцид“ за првпат треба да биде воведено во Македонија од сите земји од Европската Унија.

Ова дело би се однесувало на дела што неповратно ја уништуваат животната средина, на пример – нуклеарни катастрофи. Според Јовановски, ако поминат овие измени, за загадување на животната средина нема да одговара само раководното лице на една компанија, туку и компанијата како правно лице.

Јовановски објаснува дека досега предметите што се воделе пред судовите за загадување на животната средина завршувале со прекршочни казни и тешко се докажувала кривичната одговорност. Овие нови дела би требало да го олеснат докажувањето на кривичната одговорност за што се предвидени ригорозни казни.
Сепак, овие измени се само предлози во новиот КЗ. Откако ќе се добие мислење од ЕК, ако нема забелешки, Кривичниот законик оди во владина процедура по што се проследува до Собранието.

Непосредно пред да почне грејната сезона и кога загадувањето на воздухот станува актуелно, Врховниот суд донесе начелно правно мислење кое предвидува граѓаните во управна постапка да тужат доколку им е загрозено здравјето.

Еден од подносителите на оваа иницијативата е и „Центарот за правни истражувања и анализи“. Со новото начелно мислење граѓаните ќе може да ја тужат државата ако нивното здравје е нарушено од загадениот воздух. Пресудите на Управниот суд или Вишиот управен суд може да ја натераат државата да донесе Национален план за заштита на амбиентниот воздух, Владата да го донесе, а сите надлежни државни и локални органи да ги спроведат мерките за заштита што ќе бидат предвидени со Националниот план, а инспекторатите да вршат надзор. Граѓаните можат да добијат обесштетување во граѓанска постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот