
Нови проекти, измени, барања, дозволи, а патот Водно – Сопиште остана непрооден
Проблемите започнаа со појава на свлечиште на патот, па се правеа повеќе измени во текот на градба и моментално, според Јавното претпријатие за државни патишта, работата е запрена во Министерството за транспорт и врски кое треба да ја продолжи важноста на дозволата за градба.
После седум години откако заврши изградбата на регионалниот пат од Водно кон Сопиште, патот сѐ уште не е пуштен во употреба, а засега не се знае кога ќе профункционира. И двата влеза на оваа сообраќајница подолг период се попречени со купишта земја. Проблемите започнаа со појава на свлечиште на патот, па се правеа повеќе измени во текот на градба и моментално работата е запрена во Министерството за транспорт и врски кое треба да ја продолжи важноста на дозволата за градба.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
ЈПДП за да може да почне постапка за добивање одобрение за употреба пред Министерството за транспорт и врски, неопходно е да се продолжи важноста на Одобрението за градење, односно рокот за изградба на регионален пат Р-2138, врска на регионален пат Р-2134, со населба Сончев Град од страна на Министерството за транспорт и врски, па потоа да се спроведе постапка за Измени во тек на градба за изградба на регионален пат Р-2138, врска на регионален пат Р-2134, со населба Сончев Град и да добие и Решение за измени во тек на градба од МТВ — објаснуваат од јавното претпријатие.
Оттаму објаснуваат зошто досега патот сѐ уште не е во функција и што сѐ се преземало во изминатите години откако формално заврши изградбата на патот.
Во текот на градбата поради сложените геоморфолошки карактеристики на теренот Јавното претпријатие за државни патишта се соочи со проблеми при градбата, кои тековно ги надмина со технички решенија кои предизвикаа промена на Основниот проект и проширување на опфатот од Инфрастуктурниот проект. Напоменуваме дека првичниот Инфрастуктурен проект е од 2013 година, при што Министерството за транспорт и врски го има одобрено Основниот проект како Проект за Инфрастуктура. Во 2017 година, направена е измена и дополна на Проект за Инфрастуктура во делот од трасата каде што е појавено слечиште и која е одобрена од Министерството за транспорт и врски – велат од ЈПДП.
При крајот на 2018 година, градежните работи оваа делница се завршени и во почетокот на 2019 година почната е постапка пред Министерството за транспорт и врски за добивање решение за измени во тек на градба, но Министерството ги одбило бараните измени со образложение дека опфатот од инфрструктурниот и основниот проект не е усогласен. Потребно било, како што велат од претпројатието да се направи проект за измена и дополнување на проектот за инфрастуктура.

Во 2020 година ЈПДП склучило нов договор за проектирање на проект за инфрастуктура и на основниот проект, па се пристапило кон изработка на проект за измена и дополна на проект за инфрастуктура. Направена е нова геодезија на трасата при што добиените податоци покажале дека долж целата траса вештачки е проширен опфатот поради уривање на дел од косините и била започната изработка на проектна документација согласно фактичката состојба, која е настаната поради теренските услови.
Од ЈПДП објаснуваат дека во февруари 2021 година преку системот Е-Урбанизам отпочната била постапка при Министерството за транспорт и врски за одобрување на проектот за измена и дополна на проект за инфраструктура за изградба на регионалниот пат Р-2138, а проектот бил одобрен дури две години подоцна, во март 2023 година. По одобрување на проектот се јавила потребата од дополнителна експропријација, која, како што тврдат од претпријатието, е во тек.
Потоа ЈПДП отпочна Постапка за одобрување на измени во тек на градба со новоодобрениот проект за измена и дополна на проект за инфраструктура за горенаведената делница на ден 19.05.2023 година и истата е одбиена од страна на Министерството за транспорт и врски на 10.08.2023 година. Паралелно со горенаведената постапка ЈПДП на 01.03.2023 година поднесе барање за продолжување на рокот на Правосилното одобрение за градење за горенаведената делница, кое од Министерството за транспорт и врски е одбиено на 20.09.2023 година. Поради одбивањето од Министерството за транспорт и врски, ЈПДП поднесе жалба против решението за одбивање на продолжување на рокот на изградба до Државна комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор степен на 05.10.2023 година. Сѐ уште немаме добиено одговор по однос на жалбата — велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Од Министерството за транспорт и врски цел месец нема одговор на прашањата што се случува со патот од Водно за Сопиште, ниту кога ќе биде пуштен во употреба.
Пред 11 години започна изградбата на овој пат и за неговото пробивање се исече шума на Водно. Градежните работи на делницата долга нешто повеќе од 4 километри траеше до 2017 година, а во текот на четирогодишната изградба се потрошија околу 373 милиони денари, односно нешто повеќе од 6 милиони евра.
Пробивањето на регионалниот пат Р2138, кој беше еден од условите за да започне изградбата на елитната населба Сончев Град. Неговото пуштање во употреба со години го очекуваат жителите на Сопиште и на другите населени места во тој дел, затоа што наместо да кружат преку Кисела Вода, за многу побрзо време би можеле да стигнат до центарот на Скопје.