
Нови дојави за поставени бомби, евакуиран скопскиот аеродром и спортски институции и клубови
Закани за поставени експлозивни направи утрово во 8:55 часот добија неколку спортски институции. На мета ова утро е седиштето на Фудбалската Федерација на Македонија, Националната Арена „Тодор Проески“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и скопските клубови Вардар и Работнички.
Препорачано
ФФМ потврди дека се таргетирани и вработените се веднаш евакуирани од куќата на фудбалот, а антитерористичките единици на МВР ги вршат проверките во објектот.
„Слободен печат“ дознава дека утрово дојава има и на Меѓународниот аеродром Скопје поради што, додека трае евакуацијата и проверките од полицијата, откажани се сите летови, што пак предизвикува хаос во авионскиот сообраќај и големи економски последици.
Дојава за поставена бомба добил и хотелот „Александар Палас“ во кој денеска во 10 часот беше најавено отворање на конференција во организација на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на Стопанска комора на Северна Македонија на која треба да се обратат премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими. Гостите и персоналот од овој хотел веќе се евакуирани, во тек е антитерористичка проверка.