
Новата влада во мираз го доби и Законот за работни односи
Спектакуларно, најавувано како суштинска реформа уште пред 5 години, ова законско решение смени три министерки, ама остана недонесено. Јавните расправи, преговорите, дебатите меѓу синдикатите, Министерството за труд и социјала и Организацијата на работодавачите, останаа „мртво слово“ на хартија, па сега сè ќе мора да почне од нула
Новата влада го доби во мираз и донесувањето на таканаречениот работнички Устав – како што многумина го нарекоа новиот Закон за работни односи. Спектакуларно, најавувано како суштинска реформа уште пред 5 години, ова законско решение смени три министерки, ама остана недонесено. Јавните расправи, преговорите, дебатите меѓу синдикатите, Министерството за труд и социјала и Организацијата на работодавачите, останаа „мртво слово“ на хартија, па сега, како што брифираат изворите на „Слободен печат“, сè ќе мора да почне од нула. Жално, е додаваат тие, што беа избоксирани некои покрупни, но и поситни спорни жешки точки, но изостана финалето.
Препорачано
Нашите извори брифираат дека досега за овој закон биле договорени 70 отсто од работите, додека за 30 отсто од важните прашања не бил постигнат договор. Во меѓувреме, беа протнати измените во актуелниот Закон за работни односи, со кои се предвиде ангажирање работници за прекувремена работа со нивна согласност за потребите на изградбата на Коридорите 8 и 10Д, кои предизвикаа бурни реакции.
Претходно имаше и други пробиви на Законот што се однесуваа на опфатот на неработната недела. Така, првичната благородна идеја создаде „Франкештајн закон со повеќе од 47 дејности што може да работат, плус моловите“.
– Работите застанаа и сега ќе мора да почнеме одново. Останаа уште некои работи да се усогласат, некои поголеми, некои поситни. Нашите барања како ССМ остануваат исти и ние нема да отстапиме. Новата влада ќе мора што побрзо да почне да работи на нов Закон за работни односи за да ги заштитиме и да ги зачуваме нашите работници, кои во изминатите четири години масовно ја напуштаа земјава – вели Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Најболната точка за синдикалците се договорите на определено време. ССМ бара тие да траат максимум една, а во последниот пречистен текст на Нацрт-законот за работни односи, нивното времетраење остана на 5 години!
– Немаше консензус околу договорите на определено време, за тоа како да се контролира прекувремената работа, прецизирањето на работењето од дома… Значи, има битни работи, кои не се во согласност со законите на ЕУ, со директивите и со конвенциите на Меѓународната организација на труд – велат нашите извори.
Работата на определено време, Синдикатот ја смета за една од поголемите теми што е неопходно да се уредат на начин на кој нема да се манипулираат работниците.
– Со сегашната регулатива се дозволува работа на определено време дури 5 години. Ние бараме тоа да биде максимум една година. Во една година дефинитивно работодавачот може да оцени дали тој работник му одговара. Притисокот на работодавачите е во новиот закон за работни односи, рокот за работа на определено време да биде 3 години – брифираат синдикалците. Што се однесува до прекувремена работа, Сојузот на синдикати повеќепати алармираше дека системот за контрола на работно време е во рацете на работодавачите. Од првиот ден на дебатата за новиот закон за работни односи, од ССМ потенцираа дека дел од нивните барања се и да има породилно отсуство во траење од 12 месеци, како и доследно почитување на правото за уредување плата со закон и колективен договор.
Во текот на дебатата за новиот закон, од Сојузот на стопански комори, оценија дека тој е конфузен, неразбирлив и неприменлив, посебно во делот на уредување на договорите. Од ССК сметаа дека не треба да има ограничување на бројот на анекси и скратување на времето на договор на определено време.
Од „Гласен текстилец“, пак, се на ставот дека новиот закон за работни односи мора да обезбеди поголема заштита и унапредување на работничките права. Оттаму посочија дека отсуството од работното место врз основа на мајчинство или татковство, зашто ќе може и таткото да го користи ова право, мора да биде 100 отсто исплатено за да се задржат младите луѓе во земјава и да се мотивираат да оформат семејства. Од „Гласен текстилец“ бараа и да нема застарување на побарувањата за плати и придонеси, затоа што освен работниците, губи и државата.