Уметничка акција на Клелија Живковиќ / Фотографија: Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ

Новата културна сезона во Францускиот институт се отвора со инсталација на уметницата Клелија Живковиќ

Францускиот институт во Скопје ја најави уметничката средба на која ќе биде претставена инсталацијата „Страв од љубов“, која ќе се одржи на 23 септември, со почеток во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје. Авторка на инсталацијата е уметницата Клелија Живковиќ, а кураторка е Мелоди Робин. Настанот ќе биде проследен со разговор помеѓу уметницата, кураторката и публиката околу креативниот процес и делото.

Инсталацијата „Страв од љубов“ претставува можност да се запознае делото на трансдисциплинарната уметница Живковиќ, чија уметничка практика се формира преку теоретски, материјални и експериментални искуства за личните, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие на кое му е потребен простор за контакт со околината.

Инсталацијата ги пренесува невидливите врски преку три елементи: звук, ткаење и физичко присуство. Уметницата изработува инсталација која ја симболизира папочната врвца, низ која се прикажани нашите лични врски – кон минатите генерации и кон сегашните, оние што нè опкружуваат овде и сега, или, како што објаснува кураторката Мелоди Робин: „Таа папочна врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање.“

Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот на овој свет. Преку оваа инсталација, Клелија Живковиќ прашува: какви светови градиме околу себе? И што се случува кога ќе ја напуштиме контролата, дозволувајќи ѝ на љубовта да се појави во форми ослободени од стравот?

Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ја започнува културната сезона со ова дело, продолжувајќи да организира изложби и уметнички средби со уметници од домашната сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот