
Нова сапуница во судството или искрен обид за расчистување со притисоците: Адеми не им дојде, ама Судскиот совет ќе оди во Врховен
Судскиот совет ќе продолжи да истражува дали и какви притисоци трпат врховните судии и ќе оди во посета на Врховниот суд или ќе ги кани врховните судии на разговор, откако денеска претседателката на највисокиот суд Беса Адеми ја одби поканата за работен разговор. Судскиот совет во петокот ја викна Адеми да каже кој врши притисоци врз Врховниот суд веднаш откако таа самата се пожали во интервју за порталот сдк.мк, а претходно деновиве ѝ се пожали и на американската амбасадорка Анџела Агелер. Советот, како што истакнаа членовите на денешната прес-конференција, нема да се откажат од тоа да дознаат дали, кој и какви притисоци врши врз Врховниот суд, а она што ќе го откријат ќе го пријават во Јавното обвинителство и ќе го споделат со јавноста, како што е редот.
Препорачано
Според Судскиот совет, јавноста треба да оцени и дали има влијанија и во одлуката на Адеми да не дојде на разговор во Советот во кој и самата е член според фукцијата, односно дали е политички мотивирано тоа што ја поканија или, пак, тоа што таа не дојде на разговорот.
Судски совет ќе истражува до крај
Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев рече дека покана за работна средба со Адеми е по повод нејзината изјава за политички влијанија од фактори и центри на моќ, а во врска со одлучувањето на Врховниот суд до кој стаса иницијатива да донесе начелен став за аболицијата што ја даде експретседателот Иванов на повеќе функционери од минатата власт. Георгиев нагласи дека Советот има законски надлежности да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судиите и судската власт и Советот сметал дека после интервјуто на Адеми е нужно да ја повикаат, за таа да им изнесе конкретни работи за политичките влијанија и притисоците за кои зборува, но таа со писмо им кажала дека нема да дојде.
– Советот е спремен за вакви отворени дискусии и прашања. Ги охрабрувам сите судии ако им се вршат влијанија и ако чувствуваат притисоци да ни се обратат, Судскиот совет е на располагање законски да им оствари заштита од такви влијанија, кои се кривично дело и се казниви по член 375 од Кривичниот законик – рече Георгиев.
Членот на Советот Ивица Николовски потенцира дека Врховниот суд е највисок суд, а Судскиот совет највисок орган во судката власт и заедно треба да ги решаваат проблемите и да дојдат до подобро судство.
– Секој судија без оглед во кој степен е должен да одлучува без влијанија и пристисоци согласно законите и доказите. Сметаме дека кога има вакви изјави од виски функционери во судството, ние овде мора да разговараме за таквите прашања и да донесеме ставови како во иднина. Ние овие прашања како Судски совет ќе продолжиме да ги испитуваме, спремни сме и за соодветни дејствија со цел да се зацврсти довербата кај судиите дека Судскиот совет ги штити од влијанија и притисоци и таа обврска ќе ја врши доследно – рече Николовски, кој најави дека ќе закажат средби и со претседателите на другиоте судови, а се со цел да се обезбеди независно и самостојно судство.
Николовски потенцира дека во Советот е заземен став да се испита до крај ова прашање, дали се тоа лични ставови на претседателот или се споделени ставови и мислења на врховните судии што претседателот во нивно име ги пренесува.
Адеми: Ни треба широка дебата за притисоците во судството
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми во интервјуто рече дека во врска со иницијативата да се донесе начелно мислење за аболициите на Иванов рече дека вмешувањето на политиката во судството е присутна појава и дека не се почитува уставното начело на поделба на власта.
– Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но, ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството – рече Адеми.
Во писмото со кое Адеми го одби Судскиот совет таа пишува дека досега повеќепати се укажувало на притисоци врз судството во официјални извештаи и во медиумски натписи и досега Судскиот совет никого не повикал на разговор. Според неа доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет.
– Написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството. Тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата. Во оваа смисла, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија. Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите – напиша Адеми и ги наброја извештаите на ЕК, извештајот на Прибе, извештаите на Стејт департментот, анкетата на ОБСЕ, анализите на невладините организации и разни интервјуа во кои судиите укажуваа на политички притисоци.
Адеми потсетува дека за влијанија и притисоци зборувале и двете поранешни претседателки на Судскиот совет, а јавноста не доби одговори дали Советот презел соодветни дејствија за да открие за какви притисоци се работело.
– Би сакала да укажам дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители – пишува Адеми.
Таа додава и дека во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму.
Деновиове албанскиот опозициски блок го обвини ДУИ дека вршат притосок врз Врховен суд да ја оживее аболицијата на Иванов, за да може експремиерот Никола Груевски да се врати во Македонија.