
Нова надеж за пациентите: Комбинација од два лека драматично го забрзува зараснувањето на хронични рани
Комбинација од два лека покажа охрабрувачки резултати како помош во зараснување на хронични рани, соопштија истражувачите од Универзитетот во Орегон. Тие тестирале нова комбинирана терапија која може да уништи тешко излечиви бактерии што ја населуваат хроничната инфекција на раните, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ваквите третмани би можеле да помогнат во намалување на ризикот од сериозни инфекции кои понекогаш доведуваат и до ампутација. Наодите од студијата, објавени на 29 септември во списанието „Applied and Environmental Microbiology“, осветлуваат начини за развој на поефикасни антимикробни третмани кои го поттикнуваат зараснувањето на хроничните рани.
Пристапот комбинира одамна познати супстанции кои сами по себе имаат ограничено дејство против тешко излечивите патогени, пред сè бактеријата Pseudomonas aeruginosa. Но, со додавање на мали дози од едноставниот молекул наречен хлорат во стандардните антибиотици, комбинацијата се покажала 10.000 пати поефикасна во уништување на бактериите во лабораториски услови, во споредба со антибиотиците што се користат самостојно. На тој начин се намалува и потребната доза за уништување на P. aeruginosa.
Ако наодите може да се применат кај луѓе, ова би помогнало во скратување на времето на земање антибиотици и намалување на ризикот од токсични ефекти, истакна проф. Мелани Сперо од Колеџот за уметности и науки на Универзитетот во Орегон.
„Мислам дека комбинациите на лекови ќе бидат клучен пристап во борбата со порастот на отпорноста на антибиотици. Наоѓањето примери на синергија меѓу антимикробните средства кои веќе постојат на пазарот е навистина вредно“, вели Сперо.
Хронична рана е повредено ткиво што не почнало да зараснува во нормалниот временски период од четири до дванаесет недели. Најчестиот тип е дијабетичниот чир на стапалото – отворена рана на долниот дел од стапалото која се јавува поради слаба циркулација, притисок и недостаток на чувство.
Според Американското здружение за дијабетес, една од четири лица со дијабетес тип 2 развива ваков чир, а повеќе од половина од тие случаи се инфицираат. Еден од пет вакви чирови, во тежок случај, завршува со ампутација.
Промени во протокот на крв, големата побарувачка за кислород од инфламаторните клетки и присуството на бактерии на местото на раната го ограничуваат снабдувањето со кислород, што го спречува зараснувањето. Под услови со малку кислород, бактериите се префрлаат на „дишење со нитрати“, растат побавно, но продолжуваат да преживуваат и да се шират.
Токму овој бавен раст на P. aeruginosa ја прави бактеријата толерантна на класичните антибиотици, кои најчесто се тестираат врз брзорастечки бактерии во услови со богат кислород.
Кога антибиотиците се комбинираат со хлорат, клетките на бактериите стануваат исклучително чувствителни. Истражувањето покажало дека дури и 1 отсто од стандардната доза на антибиотикот цефтазидим, во комбинација со хлорат, може успешно да го убие патогенот.
„Кај хронични инфекции, пациентите често земаат антибиотици долго време, што може сериозно да го наруши организмот. Колку повеќе ја намалиме дозата и времетраењето на антибиотската терапија – толку подобро“, заклучува професорката Сперо.