
Нова кулинарска авантура на Стефанија Несторовска – класичен чија пудинг
Чија семето е ризница на здравствени придобивки и е неверојатна состојка што може да си ја додадете во секојдневната исхрана. Богато е со антиоксиданти, здрави влакна, омега-3 киселини, здрави масти и калциум, што значи дека е одлично за дигестивниот систем, за балансирање на шеќерот во крвта и за подобрување на здравјето на срцето.
Препорачано
Чија пудинг е наједноставниот и најлесниот здрав појадок што може да го подготвите. Сѐ што треба да направите е да измешате чија семе со млеко, да додајте малку засладувач, да оставите да отстои неколку часови и – оброкот е спремен, вели Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com.
– Се сеќавам првпат кога направив чија пудинг. Бев шокирана од тоа како едни мали зрнца може преку ноќ да се претворат во цел оброк. На почетокот се држев стриктно до класичен чија пудинг, но со текот на времето станував сè покреативна и почнав да додавам други состојки за да го направам поинтересен оброкот. Како и да е, класичниот чија пудинг ќе ми биде засекогаш омилен, затоа што можам во еден ден да го направам во поголема количина и да имам подготвен појадок за неколку дена – вели Стефанија.
– Би сакала само да напоменам дека иако чија пудингот е здрав појадок, сепак внимавајте на порциите зошто е многу лесно да претерате со количината. А веќе знаеме дека сè што е премногу, не е добро. Јас лично сакам да се држам до оваа количина за секојдневен појадок/ужинка – 1/2 шолја (120 грама) млеко и 2 лажици чија. Кога ќе се додадат топинзи, сметам дека ова е идеална количина за едно сервирање – објаснува Стефанија.
Во продолжение ви го споделувам рецептот за класичен чија пудинг доколку се чувствувате авантуристички, слободно бидете креативни и додадете дополнителни состојки како какао, протеин, ванила, цимет и слично. За поголема количина, дуплирајте ги состојките.

Класичен чиjа пудинг
Состојки:
– 125 милилитри (1/2 шолја) млеко од бадеми (или млеко по желба)
– 2 лажици чија семе
По желба:
– 1/2 лажица засладувач (мед, јаворов сируп, агаве… )
– 1/4 лажичка ванила
– свежо овошје, џем од малина
Начин на подготовка:
Во мал сад се додаваат сите состојки и се промешува
Внимавајте на дното од садот, најчесто таму остануваат зрнца од чија, па бидете сигурни дека убаво сте промешале
Оставете го садот со чија да отстои 15-тина минути, потоа промешајте уште еднаш и оставете го во ладилник најмалку 2 часа или од претходната вечер.
Пред сервирање, промешајте уште еднаш, додадете топинзи по желба и сервирајте.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Доколку по 15 минути чија семето не почнува да набабрува и да впива од млекото, најверојатно чија семето е застарено и стоело премногу време. Или додајте уште малку чија семе или отворете ново пакување.
→ Доколку подготвувате чија пудинг за повеќе сервирања, држете се до овој размер и зголемете ја количината на сите состојки еднакво.
→ Чија пудингот може да стои во ладилник и до 5-6 дена.
