НОВА КНИГА на Васил Мукаетов: Големиот свет на детскиот поглед

Издавачката куќа „Просветно дело“ неодамна ја објави најновата книга за деца „Ние по тротоари, по булевари…“ од писателот Васил Мукаетов, кој со своите, речиси, 80 години со огромна посветеност и силна страст пишува песни за најмладите читатели.

Писателот на литература за деца Васил Мукаетов со своите читатели другарува уште од 60-тите години на минатиот век преку страниците на списанијата „Другарче“, „Колибри“, „Развигор“, а застапен е и во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, во 2017 година ја доби наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“ на ДПМ за стихозбирката „Скокни прескокни“, а „Ние по тротоари, по булевари…“ е негова 17-та книга за деца.

Авторот вели дека меѓу кориците на новата книга се случува детството, тука, дома, во училиштето, во соседството. Целта на книгата е да се привлече вниманието на сите возрасти, со духовитоста и едноставноста на мислата, топлините на зборот и хуморот во пораките. Инспирацијата за пишување авторот ја наоѓа во детското секојдневие меѓу другарите, во градот.

– На прво место тука се децата и нашето време, современиот амбиент и вообичаените дилеми, радости и обврски. Едноставно, сиот заеднички труд на учениците, наставниците, родителите, ние што се придружуваме со стиховите е да го освоиме заеднички и да го разбереме светот што нè опкружува со основна насока – да имаме генерации што со своето знаење, етика, трудољубивост, ќе ги надминат (и ги надминуваат) претходните и ќе ги усвојуваат вредностите на своите современици од светот. Децата имаат меѓународно усвоени Детски права, право на безгрижно детство. Да ги заштитиме од поедините агресивни влијанија на актуелните политизирања и поделби, како и агресивноста во цртаните продукции. Да им ја приближиме вистината на децата и што порано да ги подготвиме за реалниот живот со неговите предизвици. Имаме амбиент кој постојано се менува – мобилната телефонија, џојстиците, хаверборди, компјутерска технологија и комуникација. Модерната технологија го апсорбира најголемиот дел од времето. Меѓутоа книгата е вечна, опстојува повеќе од 2500-тини години, незаменлива и ќе остане. Како трајна основа за постојаното образование и културниот дигнитет. Литературата е тука, да помогне да се прошират видиците, вели Мукаетов.

Тој додава дека се обидува да внесе леснина и ведрина. Духовитоста да ги разонодува децата, а суптилноста на нештата да биде посочна со блага добронамерна иронија. Ако се јави насмевка – тоа значи дека успеал во својата намера.

Книгата има повеќе циклуси што се нанижани во хармонична целина: „Не се може без другарување, без насмевки, без изненадување!“, „Со сите па и дома, сѐ е можно, само сложно“, „Чуда на сите страни, светот го откриваме сами“, „Се спортува, спортовите летни и зимски, ние спортуваме тимски“. Има и интерактивен циклус: „Да се одмориме, еве што ќе сториме, заедно стихуваме, одгатнуваме“, песни – гатанки што децата ги завршуваат со своите одговори.

Низ песните и стиховите има другарувања, разјаснувања, прашувања: „Ова време ли е, дете од селфи не може да се скрие. Точно ли е – почитувај, ќе те почитуваат. Што да правите да се справите со џојсевите, нинтендото, хавербордите, незакрпената мода. Од каде Итар Пејо и Силјан Штркот во театар за деца. Кој е кул, а кој ин. И маскенбал изведуваш и треба да преведуваш – халовин“.

Книгата е напишана со цел стиховите да бидат одмор помеѓу две лекции и две писмени работи, а учењето и образованието од обврски да се претворат во забава, бидејќи Цепенков запишал: „Дете поеќе да милуаш со срце, од што со лице“.

Рецензентот Мишо Китановски, писател, публицист и издавач, нагласува: „Едноставно, овој македонски поет за деца се осмели, и со содржината на книгата ја прошири границата на поетските теми, суверено и доминантно внесувајќи го семејството како дел од севкупната психологија на постоењето на сите нас и на децата, притоа откривајќи нови поетски простори и елементи“. Книгата за деца „Ние по тротоари, по булевари…“ од Васил Мукаетов е модерно технички уредена и одлично илустрирана од Натали Николовска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 21, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот