Христијан Мицкоски митинг Скопје Фото: Методи Здравев/Слободен печат

Нова „финална пресметка“ со девизата – или ВМРО-ДПМНЕ или потоп!

Не е првпат Мицкоски да најавува конечна или финална пресметка со опозицијата, нивна политичка елиминација и пензионирање. Тој во 2019 година побара предвремени парламентарни избори и најави последна пресметка со тогаш владејачките СДСМ и ДУИ. Пресметките финални, последни или конечни, ги воведе избеганиот експремиер, политички азилант во Унгарија, но и актуелен почесен претседател на партијата, Никола Груевски, кога како премиер се обрати на прославата на Илинден во 2009 година, но и во писмото до партиското членство.

Финална битка со опозицијата најави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од првиот митинг во Скопје, со кој партијата ја почна кампањата, бидејќи „ова не се обични локални избори, туку тие ќе бидат одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме“. За ДУИ, пак, нема дилема дека најавата за политичка елиминација на лидерот Али Ахмети е стратегија за контрола врз Албанците.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски предвидува стрмоглав пад на ВМРО-ДПМНЕ по локалните избори, додека аналитичарот Љуљзим Фаризи – маргинализација на ДУИ.

Не е првпат Мицкоски да најавува конечна или финална пресметка со опонентите, нивна политичка елиминација и пензионирање. Тој во 2019 година побара предвремени парламентарни избори и најави последна пресметка со тогаш владејачките СДСМ и ДУИ. Мицкоски не е ни првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој во изборни циклуси финално се „пресметува“ со опозицијата.
Пресметките финални, последни или конечни, ги воведе избеганиот експремиер и сега почесен претседател на партијата Никола Груевски кога како премиер се обрати на прославата на Илинден во 2009 година, но и во писмото до партиското членство.

Христијан Мицкоски митинг Скопје Фото: Методи Здравев/ Слободен печат

– Знам дека во таа битка ќе победиме, Македонија ќе победи. Одиме заедно до победа. Затоа што овие избори се одлука за тоа каква Македонија ќе победи. Има и такви што живеат од татковината, и ние, народот, кои живееме за татковината. Колку и да една тесна, мала клика која ги направи сите неморални коалиции и поврзувања, спремна е да направи сè за да дојде на власт. Вечерва, сите тие и сите нивни слуги што сакаат Македонија да ја држат уценета, клекната и понижена, го добиваат одговорот. А одговорот сте вие – народот на Македонија. Немојте да се залажуваме дека ова се само обични локални избори, ова се избори за финалната битка за тоа каква држава сакаме. Ова се избори за тоа каква порака испраќаме до сите оние што уриваа наместо да градат, правеа претстава наместо да штитат. Нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и да ги испратиме во пензија. И кога ве гледам во колкав број нè има вечерва, колку многу реки народ се слеаја по улиците до оваа преполна сала, јасно е – ќе победиме. Ќе победиме сите заедно. Македонија ќе победи – порача Мицкоски.

За пораката на Ахмети упатена да Мицкоски дека со загари се оди на лов на зајаци, но не и на орли, премиерот рече дека ДУИ така го крева рејтингот, а тезите им се стари и избледени.

Со зајаци и загари во лов на политички рејтинг, изборната кампања почна со размена на ниски удари

-Колку крвопролевања, колку јастреби, колку орли, колку зајаци… Ист фолклор спомнуваат, 20 години – ист филм! Албанците се иселија, распарчени се од крадењето. Метафорите на митинзите повеќе не им поминуваат. Добри се за хумористични филмови. По 15 месеци, или една и пол година, отиде во опозиција, а по овие избори ќе заминеш во политичка пензија, ти гарантирам – му порача Мицкоски на Ахмети..

Тој рече дека ќе бидат поразени и „тајни коалиции“, спрегата на ДУИ и Левица, но и таа на СДСМ со еден кандидат за градоначалник на скопска општина, алудирајќи на Стевчо Јакимовски и дека на овие избори народот ќе им свири крај.

ДУИ: Мицкоски е опседнат да ја контролира албанската политичка сцена

Според ДУИ, Мицкоски е опседнат да ја контролира албанската политичка сцена во Македонија.

Бујар Османи Фото: Османи Фејсбук

– Неговата најнова изјава во која зборува за „политичко пензионирање“ на лидерот на Албанците, Али Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците. Само пред неколку денови тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци – Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување – велат од ДУИ.

Бујар Османи, кандидат на НАИ за Чаир оцени дека Мицкоски по природа е албанофоб и ги мрази Албанците.

– Не сум изненаден од вчерашната изјава на Мицкоски по однос на неговата мисија ДУИ да исчезне од политичката сцена. Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец. Кога патува надвор од државата, не зема Албанци. Го укинува „балансерот“ зашто сака да ги тргне од институциите. Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите. Тоа е посилно од него – констатира Османи.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче повторно демантираше дека има предизборна соработка со ДУИ и со Левица.

– Нема никаква соработка на СДСМ со ДУИ и со Левица, тоа се празни обвинувања. Настапуваме автентично, сами, со нашата коалиција. Мора да сфатат сите политички чинители дека треба да се зборува за многу сериозни теми. Не може ние повеќе да слушаме како некој се обвинува дали бил лав или орел, или врапче или маче – рече Филипче.

 Пекевски: По изборите ќе следува стрмоглав пад на ВМРО-ДПМНЕ

Аналитичарот Пекевски смета дека ДУИ ќе се маргинализира поради корупција.

Синиша Пекевски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

– Времето на ДУИ помина и ќе се маргинализираат поради корупција. Синоним за невладеење на правото. Но, сега ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на врвот на моќта и брзо потоа ќе следува стрмоглав пад за да се сведат на десничарска партија со минорно влијание. Владата покажа дека не знае, не може и не сака да се справи со корупција, криминал, владеење на право и неквалитет. Примерот со дивоградбите во Чаир, подмитениот инспектор во УЈП, Вардариште… се доказ за тоа. Сега СДСМ и ДУИ му се непријатели, а потоа ќе нема кој да му биде непријател и ќе нема кого да обвини. По локалните избори следува невиден пад на ВМРО-ДПМНЕ – констатира Пекевски.

Аналитичарот Љуљзим Фаризи оценува дека политичката пресметка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и опозициските партии ќе биде една од најголемите по изборите во 2024 година, со цел ДУИ да не се врати на политичката сцена, односно партијата да се реформира.

Љуљзим Фаризи/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

– Ова е потребно за да не ни се врати периодот од 2017 до 2024 година, кога буквално Ахмети Македонија ја чувствувал како зоолошка градина и како џунгла, зашто него Албанците 22 години буквално го гласале, не оти им нудел проекти, туку го сметаа за предводник на бачилото. На изборите, ДУИ има само една можност да биде факторизирана, односно ќе се обиде тоа да го направи преку општините Чаир и Тетово, иако нивната мисија е невозможна. Премиерот и коалициските партии ќе овозможат Вреди да победи и во Чаир и во Тетово, а тоа ќе значи дека ДУИ по изборите ќе биде минорна партија – смета Фаризи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот