
Нов удар за лондонските „сини“: Челси еден месец без Тијаго Силва?!
Настрадаа лигаментите на коленото на Бразилецот Тијаго Силва, за среќа не е целосно кинење што би го оддалечило од теренот многу подолг период. Се плашеа од вакво сценарио во Челси, сега стигна и потврдата, искусниот одбранбен играч се здоби со повреда на лигаментите на коленото во поразот од градскиот ривал Тотенхем (0:2) минатиот викенд.
Препорачано
Бразилскиот ветеран едвај го напушти теренот на новиот „Вајт Харт Лејн“ во 19 минута и веќе беше јасно дека ситуацијата не е добра. По деталните, а потоа и повторените специјалистички прегледи, утврдено е дека лигаментот е оштетен, поради што клубот не сака да зборува за времето потребно за враќање.
Според неофицијални информации од Островот, Силва ќе отсуствува околу шест недели, можеби и малку повеќе, па би можел да се врати на терените дури на крајот на април! Се разбира, освен ако терапијата не отвори простор за можно порано враќање, што во моментов не е реално.
Челси во кратката изјава го потврди оштетувањето на лигаментите и дека Бразилецот во наредниот период ќе биде под будното око на лекарите. Тој е меѓу играчите кои одиграа најголема минутажа оваа сезона. Повредата на Силва доаѓа во момент кога Весли Фофана само што се опорави и повторно играше по неколкумесечна пауза исто така поради повреда на коленото. Французинот ги одигра последните два натпревари, па се очекува наместо Силва сега да заземе место во стартниот тим.
Според извештаите во медиумите на островот, Потер е под огромен притисок да го подигне тимот по низата лоши резултати и би можел да биде отпуштен доколку не успеат да триумфираат против Лидс следниот викенд и против Борусија Дортмунд следниот вторник. Во двата меча, лондонските „сини“ се домаќини.