Ноќниот живот во земјава замира: веќе две години никој не побарал дозвола за дискотека!

Ноќен клуб дискотека
Ноќен клуб / Фото: EPA-EFE/VALENTIN FLAURAUD

Од 2017 до 2022 година, Министерството за економија издало 150 лиценци за ноќни барови, кабареа, дискоклубови и дискоклубови на отворено, покажува нивниот Регистар. Лиценците се обновуваат секоја година, а најскапа е онаа за летна дискотека – 10.000 евра, иако нивната сезона е ограничена на три месеци

Сѐ помалку домашни угостители се решаваат да отворат ноќен бар, кабаре или дискоклуб, најверојатно поради фактот дека треба да се исполнат многу барања од соодветните институции. Тие тврдат дека ноќниот живот во Скопје, но и во некои други градови е жртвуван поради непремостливите институционални барања. И откако ќе пројдат низ процедурата, тие може да се препнат на фактот дека претставуваат закана за јавниот ред и мир и не добиваат дозвола која не е евтина.

Од 2017 до 2022 година, Министерството за економија издало 150 лиценци за ноќни барови, кабареа, дискоклубови и дискоклубови на отворено, покажува нивниот Регистар. Податоците откриваат уште еден интересен факт – целата ланска година, но и на почетокот на оваа, немало интерес да се раздвижи ноќниот живот во земјава, а од 2018 до 2022 година биле одбиени дури 32 барања на компании кои сакале да влезат во овој угостителски сегмент. Лиценците се обновуваат секоја година. Според Законот за угостителска дејност, за да отворите кабаре – треба да искеширате од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, лиценцата за ноќен бар – чини од 5.000 до 7.000 евра, а за дискоклуб – 7.000 евра. Лиценцата за отворена летна дискотека е најскапа – 10.000 евра, иако нивната сезона е ограничена на три месеци.

– Согласно Законот за угостителска дејност, лиценците за дискоклуб, дискоклуб на отворено, кабаре и ноќен клуб се со важност од 1 година и се издаваат врз основа на приложена документација и уплатен надоместок, согласно општинските и одлуките на Град Скопје. Доколку угостителскиот објект не ги исполнува Минимално техничките услови (МТУ) и условите за јавен ред, мир и сообраќај (за кои доставува известување од МВР и Државниот пазарен инспекторат) и доказ за платен надомест, му се издава лиценца во рок од 15 дена. Во случај да има негативно мислење од МВР (поради нарушување на јавниот ред и мир) или од ДПИ за неисполнување на МТУ, неговото барање се одбива – објаснуваат од Министерството за економија за „Слободен печат“.

Законот пропишува дека не смеете да отворите ноќен бар, кабаре или дискоклуб во деловна просторија која се наоѓа во колективна станбена зграда. Висината на надоместокот за лиценците ги определуваат советите на општините и Советот на Градот Скопје. Половината од сумите за лиценци одат за општините, а другата половина легнува на сметката на државниот буџет. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на нејзината важност.

– Ноќните барови и кабареата може да работат од 20.00 до 04.00 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 20.00 часот до 05.00 часот наредниот ден, а на 31 декември до 20 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 06.00 часот наредниот ден. Дискоклубовите без разлика дали се затворени или на отворен простор може да работат од 19.00 до 04.00 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 19.00 часот до 05.00 часот наредниот ден, а на 31 декември до 19 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 06.00 часот наредниот ден – пишува во Законот за угостителска дејност.

Угостителите тврдат дека во Скопје нема ноќен живот!

Во средината на летото 2022 година, сопствениците на ноќните летни клубови во Скопје се пожалија дека не добиваат лиценци за работа. Тие тврдеа дека ноќниот скопски живот е целосно замрен и дека се обесправени, а од Владата и министерствата бараа решенија за ваквата ситуација. Од МВР, пак, тогаш посочија дека се работи за неколку угостители со објекти во Градски парк, чии барања се правно неиздржани и не исполнуваат сообраќајни услови. Застапувајќи ги нивните интереси, тогашниот претседател на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, се спротивстави на реакциите на граѓанските иницијативи кои се жалеа за т.н. звучно загадување од Градскиот парк во Скопје, коментирајќи дека ако имало гласна музика изминатите години, Градот можел да изврши релокација на објектите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот