Фото: Слободен печат

Низ тетовските тротоари повеќе кучиња скитници од пешаци, општината нема решение за проблемот

Бројот на бездомни кучиња низ тетовските улици се зголемува, но општината не презема никакви мерки за решавање на проблемот.

Досега заловила само 82 кучиња, а проценките се дека низ градот има петстотини. Гладни и агресивни во глутница во потрага по храна, често ги напаѓаат граѓаните.

Фото: Слободен печат

„Од кучињата скитници не се излегува надвор. Јас сум постара жена се бранам со чадор, но тоа се чопори од десетина кучиња, нема шанси да се одбраниш. Мислам дека ги има илјадници низ градот“, вели една жителка на Тетово.

„Страшно стана да се движиш низ Тетово. Ако не се на тротоар, ги има на улица, ако не се на улица ќе ти излезат од некој сокак, општината мора да преземе некои мерки“, изјави еден жител на Тетово.

Од Општина Тетово, моментално не преземаат никакви активности за згрижување на кучињата скитници. Соработката со Здружението „Амос шелтер“ кое залови 82 кучиња им заврши и сега состојбата е статус кво, а бројката на бездомни животни од ден на ден се зголемува.

Општинските власти велат дека ги загрижува тоа што секојдневно се носат кучиња скитници од другите општини.

Фото: Слободен печат

„Првичниот договор со „Амос шелтер“ беше да се заловат 82 бездомни кучиња. Досега се спроведени две акции за заловување. Во првата се заловени 41 куче, во втората која заврши пред неколку дена исто 41 бездомно куче, со што се испочитува првичниот договор. За понатамошните акции и соработки на здружението со Општина Тетово дополнително ќе се разговара. Она што загрижува е што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други населени места во Тетово. Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата што ги носат кучињата. Се работи за проблем, кој не е сериозно третиран со години и со кој се соочува цела држава. Бараме трпение од граѓаните, но и помош, доколку забележат случаи на истовар на бездомни кучиња од други места во нашиот град, да пријават“, изјавија од Општина Тетово.

Оттаму најавија дека во соработка и координација со државните власти, ќе изнајдат начин за заеднички пристап и решавање на проблемот.

Засега властите очигледно проблемот со кучињата го решаваат со најави и предлози, а пред неколку месеци општината објави и Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња.

Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој е нов претседател на Центарот за развој на полошкиот плански регион, неодамна изјави дека само со регионален пристап ќе може да се реши проблемот со кучињата скитници во полошкиот регион.

Како можна локација за регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот полошки регион е посочена општина Врапчиште. Но засега ова е само идеја, конкретни чекори на терен нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!