
Ниту еден од уапсените за предизвикување пожар не е во притвор?
За сите уапсени постојат цврсти докази дека се сторители на делото за кое се осомничени и докази им се предадени на надлежните Јавни обвинители. Со нивното ослободување се отвара можноста тие да го повторат делото и се девалвира работата на полцијата – велат од Министерството за внатрешни работи.
Петнаесетината осомничени за подметнување пожар од повеќе градови од земјава, кои полицијата ги уапси во изминатите две недели, сè уште се на слобода, информираат од МВР.
Препорачано
Иако од полицијата тие се осомничени дека сториле кривично дело „предизвикување општа опасност” казниво и со затвор, на ниту еден од нив не му е одредена мерка притвор од страна на судија на претходна постапка.
Уапсените, како што велат од полицијата, се товарат за неколку пожари кои се случиле во местата на нивното живеење, а неколкумина од уапсените биле откриени на самото место на настанот, непосредно по извршувањето на делото.
– За сите уапсени постојат цврсти докази дека се сторители на делото за кое се осомничени од страна на Министерството за внатрешни работи. Тие докази им се предадени на надлежните јавни обвинители. Колку што повратно сме известени, за голем број од осомничените нема одредено мерка притвор и тие се на слобода. Со нивното ослободување се отвара можноста тие да го повторат делото и се девалвира работата на полцијата – велат од МВР за „Слободен печат“.
Засега молк од Јавното обвинителство на Македонија. Останува неодоговорено прашањето дали воопшто заменикот на јавниот обвинител има побарано притвор за некој од уапсените пиромани од судија на претходна постапка.
Меѓу тие кои сè уште се на слобода е и Д.К.(29) од струмичкот село Баница кој во близина на магистралниот пат од Струмица кон село Дабиле запалил дива депонија со смет. Околу депонијата изгоре густа нискостеблеста вегетација, по што оганот започна бргу да се шири, предизвикувајќи голем пожар. На слобода е и Е.М. (34) од Прилеп, кој предизвика шумски пожар на местото Дабница.
Сопствениците на имотите кои настрадаа во пожарите во земјава, а во кои беа опожарени или целосно изгореа неколку куќи, домашни животни, приватни шуми, земјоделски насади и возила, како што дознаваме, засега немаат поднесено барања до некој од државните органи за утврдување на штетата и за евентуален надоместок. Во меѓувреме премиерот Зоран Заев и Владата најавија дека ќе бидат обештетени сите граѓани чии имоти настрадаа во пожарите.
– Граѓаните не треба да се грижат, ќе бидат обештетени за штетите на нивните имоти. Во некои општини веќе се започнати процедурите за излегување на терен и правење проценка на штетите, кои потоа ќе се достават до Владата за исплаќање – изјави минатата недела премиерот Заев.