Николовски - Сугарески

Николовски и Сугарески на ГП Табановце:Борбата против корупцијата е заедничка, активно се вклучуваат сите антикорупциски институции

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на граничниот премин Табановце, одржа работна средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески и раководителката на проектната канцеларија на Обединети нации за дрога и криминал во Белград и Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан, Вирџинија Абајо-Маркез.

На состанокот, како што соопштија од Кабинетот на Николовски, се разговараше за улогата на Царинската управа во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал, и мерките од усвоениот План за борба против корупција.

Вицепремиерот Николовски посочи дека во борбата против корупцијата и организираниот криминал активно се вклучуваат сите антикорупциски надлежни институции, секој во рамките на својата надлежност. При тоа потенцираше дека од особена важност е меѓуинституционланата координација и размена на информации, на што изминатиот период беше ставен посебен фокус.

Директорот на Царинска управа, Сугарески, истакна дека еден од главните приоритети на управата е унапредување на институционалниот и административен капацитет за ефикасна и ефективна борба против корупцијата. Сугарески посочи дека како резултат на кампањата на управата, „СТОП за КОРУПЦИЈАТА” која се спроведува од април 2018 година, зголемен е бројот на примени поднесоци во 2020 година, споредбено со 2017, 2018 и 2019 година. Исто така, потенцираше дека Царинската управа постојано соработува со другите институции и работи на зајакнување на меѓуинституционалната соработка во борбата против корупција и криминал. Воспоставена е успешна соработка со Националниот координативен центар за гранично управување, ДКСК, МВР, Агенција за храна и ветерина, Санитарен инспекторат, Министерство за транспорт и врски, МНР и други. Покрај ова, со цел подобро справување со корупцијата, Царинска управа има донесено и Стратегија за интегритет и борба против корупцијата, за период од 2019-2022 година и акциски план за спорведување, а за една година целосно реализирани се 37 отсто од предвидените активности, додека делумно реализирани се 26 отсто, а во тек на реализација се 11 отсто.

Вицепремиерот Николовски, ги презентираше дел од мерките од Планот за борба против корупција, при што беше образложена потребата од дигитализација и зајакнување на истражните центри, дигитализација на матичните книги, поврзување на антикорупциските институции преку платформата за  Интероперабилност,  воведување регистар за државна помош, регистар за издавање  лиценци и дозволи, електронско поврзување на инспекторатите, измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, воведување регистар за службени возила.

Во насока на подигање на свеста на граѓаните и администрација за препознавање и спречување на корупција, вицепремиерот Николовски, појасни дека со Планот е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење евентуална корупција и институциите да донесат годишна Антикорупциска програма. Дополнително, ќе биде воведен Систем за следење предмети и претставки преку отворање  повикувачки центар, преку кој граѓаните и фирмите ќе можат да пријавуваат случаи на корпуција, ненавремно или несоодветно постапување од надлежните институции по однос на нивните поднесени барања.

Раководителката на проектната канцеларија на Обединети нации за дрога и криминал во Белград и Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан, Абајо-Маркез, посочи дека Царинската управа е важна институција за откривање корупција особено при трговијата и позитивно ги оцени мерките од Планот за борба против корупција, како и ентузијазмот и заложбата на Владата за воведување системски промени и мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот