
Николоски за „инвестицискиот циклус од 6 милијарди евра“: Делот со задолжувањето е погрешно пренесен
„Не знам како е тоа пласирано во јавноста, но делот дека толку ќе се задолжи државата е погрешно пренесен“, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во врска со информацијата дека Владата планира да земе кредит од шест милијарди евра од европска држава.
Препорачано
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека Владата привлекува „нов бран странски инвестиции кои ќе донесат од 5 до 6 милијарди евра во Македонија“. Цифрата од 5 или 6 милијарди евра е спомената само во насловот на соопштението, додека во текстот пишува дека „овој инвестициски бран е помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија.“ Во гостување на „Сител“ вечерва, Николоски рече „работите треба појасно да се прикажат“ – дел од парите ќе се позајмат, а дел веќе се обезбедени во Буџетот, вели тој.
„Државата работи на голем инвестициски циклус што треба да опфаќа автопати, регионални и експресни патишта, железничка инфраструктура, болници, образование… и за сите овие проекти дел од средствата се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени, како што секоја нормална високоразвиена западна држава прави кога инвестира во вакви проекти“, рече Николоски додавајќи дека деталите за тоа на кои конкретно проекти ќе се трошат парите, ќе се знаат за месец-два, како и дека „дискусиите се во тек и во многу напредна фаза“.
Николоски пред десетина дена во интервју за „360 степени“ беше прашан за задолжувањето за најавениот инвестициски циклус, но не ја откри точната сума со која државата дополнително ќе се задолжува. Тој тврдеше дека со оглед на тоа дека парите ќе се трошат на инфраструктурни проекти, задолжувањето на крај ќе резултира со намалување на јавниот долг на државата.
„Секоја држава што се развива, функционира така. Не е ништо „бауч“ да се позајмуваат средства. Прашањето е за што се трошат и ова е критика за сите влади, не само за претходна влада. Голема грешка е што се позајмувале средства за ликвидност во буџетот, а не за проекти. Еве еден пример. Многу се зборуваше за унгарскиот кредит, ние таму заштедивме многу пари на граѓаните. Во јануари доспеваше т.н. еврообврзница од 500 милиони евра со каматна стапка што надминуваше 6%, тоа се многу пари. Што значи дека кога се повлекла таа еврообврзница, се зеле пари со 6 и нешто проценти камата, тоа се многу скапи пари. И ајде, се зеле што се зеле, не се инвестирале во нешто што може да ги враќа парите – јас ви кажав точен економски податок колку пругата ќе враќа годишно – туку се потрошиле за ликвидност на буџетот, значи за плати, пензии, социјална помош итн. И затоа мислам дека кога се позајмуваат средства, треба да се позајмуваат за инфраструктурни проекти од кој било тип, а буџетсктите средства треба да се користат за ликвидност“, рече Николоски во интервјуто објавено на 28 април.