
Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија
Вицепремиерот Александар Николоски денеска во Лондон, во име на Владата го потпиша договорот за политичка и економска соработка со Обединетото Кралство. Со потпишувањето на овој документ, Македонија се задолжува шест милијарди евра, со кои според Владата ќе се финансираат капитални проекти во повеќе стратешки сектори.
Препорачано
Николоски изјави дека потпишувањето на договорот токму во историската „Черчилова соба“ во Министерството за трговија и бизнис во Лондон е „симболичен чин и силен сигнал за продлабочување на партнерството меѓу двете земји“.
„Ова стратешко партнерство со Обединетото Кралство го гледаме како чекор кој ќе ја доведе Македонија на едно ново ниво. Денеска потпишуваме договор за развојни инфраструктурни проекти во транспортот, образованието, животната средина, ИТ секторот и здравството. Благодарни сме што британската влада преку својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање постави рамка од 5 милијарди фунти – најголемата економска рамка во македонската историја“, изјави Николоски.
Потпишувањето на меѓувладиниот договор за финансирање е првиот чекор пред официјалното склучување на Договорот за стратешко партнерство помеѓу двете земји. Од Владата досега не открија детални информации за условите за кредитот, кој е најголемиот што го зела државава од осамостојувањето. Државата ќе се задолжи кај британски комерцијални банки, на кои владата во Лондон ќе им гарантира дека Македонија ќе им ги враќа парите. Се знае дека рокот на отплата на заемот е десет години.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска изјави дека точната каматна стапка што ќе треба да ја плаќаме „сè уште е непозната бидејќи нема конкретен проект“. Парите Македонија ќе ги повлекува одвреме-навреме, кога секој конкретен капитален проект ќе биде подготвен за финансирање.
Опозицијата и денеска ја критикуваше Владата за недостиг на транспарентност, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупредува дека ова задолжување „ќе ги врзе идните генерации“, наведувајќи дека секое новороденче ќе должи по 6.000 евра, а јавниот долг ќе надмине 115%, што според него е „полошо и од грчката криза“.