
Николоски ја прозва претседателката да реагира за злоупотреби во АР
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во телевизиска емисија по аферата со следење на политичари, новинари и бизнисмени, која почна од Агенцијата за разузнавање, ја повика претседателката Гордана Сиљановска Давкова која беше избрана со поддршка на оваа партија, да реагира со оглед на тоа што Агенцијата за разузнавање е под нејзина надлежност.
Препорачано
– Овде силна улога има и претседателката на државата. Очекувам реакција и од нејзина страна исто така, затоа што Агенцијата за разузнавање е во нејзини ингеренции. Таа предлага директор на агенцијата за разузнавање. Не можеме да ја оставиме оваа битка само на владата и само на Агенцијата за национална безбедност. Очекувам реакција и од нејзина страна затоа што мора оваа битка широко да се води и се да биде опфатено – рече Николоски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Агенцијата за национална безбедност е во фокусот на најновата афера за која владејачката партија тврдеше дека бил прислушуван и следен сегашниот премиер, а тогашен опозициски лидер, Христијан Мицкоски. За негово следење тој и Николоски зборуваа уште додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција.
Николоски во јавните настапи зборуваше дека Агенцијата за разузнавање создавала лажни извештаи особено по членството на Македонија во НАТО. Според Николоски двете институции и АНБ и АР биле злоупотребени заради политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.