
Николоски: Брза пруга Скопје-Солун ќе ја однесе Македонија во иднината, нема да останеме слепо црево
„Најголем приоритет ми е да ја изградам брзата пруга на Коридор 10, имаме голем интерес за тоа да се изгради таа пруга со висока технологија“, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во вечарашната емисија „Само интервју” на телевизијата „Канал 5“.
Препорачано
„Нема поважен проект од овој, со кој што Македонија ќе ја однесе во иднината, ќе ја развива економски и проект со кој ќе фатиме чекор со светот и нема да останеме слепо црево, рече Николоски.
Тој смета дека овој проект е исплатлив, а веќе постоел и проект од далечната 1978 година за изградба на пруга со проектирана брзина од 140 до 250 km на час.
„Ако ме прашувате за исплатливоста, тој е исплатлив. Тогашниот проект не се реализирал веројатно заради распадот на Југаославија. И тој проект би не чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 km пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии. Потенцирам тоа ќе биде пруга со две линии. Јас проектов ќе го завршам и нема да биде изграден од руска, кинеска или индиска компанија, ќе го почнам и ќе го завршам бидејќи очекувам ВМРО-ДПМНЕ да има два мандати“, рече министерот.
Тој потенцираше дека брза пруга Скопје – Солун ќе значи развој на државата во целина од прични што покрај пругата можат да се градат потенцијално економски зони кои како поевтин транспорт би го користеле железничкиот.
Николоски најави дека во текот на утрешниот ден на состанокот на министри на ЕУ што се оддржува во Будимпешта, ќе се сретне со министрите за транспорт од Грција, Србија Унгарија и Австрија, каде меѓудругото фокус тема на разговорите ќе биде и изградба на брзата пруга на Коридор 10.
Во однос на прекинување на постапка за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија, министерот Николоски потенцира дека не е против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и „на начин со обиди на корупција лично него и на претседателот на Владата, за што јавно беше истакнато“.