
Николоски: Автопатот Скопје-Блаце е целосно промашување, паралелно се градат две делници
Министерот за транспорт Александар Николоски во гостување на „Телма“ зборуваше за проектот за автопатот Скопје-Блаце, нарекувајќи го „целосно промашување“.
Препорачано
„Утрово кога одев со колеги им објаснував за какво промашување на проектот автопатот Скопје-Блаце се работи. Целосно промашување на проект. Тоа е проект кој започнува и завршува никаде. Затоа што идејата била да почне од границата, но вие кога ќе видите, но во суштина тоа што треба да биде автопат од македонска страна не се спојува со автопатот на косовска страна. Тој оди источно од постојниот граничен премин и автопат од косовска страна. Тоа е првиот проблем, а вториот е што тие два километри завршуваат во еден дол од 50 метри, и тоа е крајот на тие два километри, и не поврзува ништо со ништо. Главниот проблем е што трипати е менуван проектот за трасата. Ова е трета траса по која се работи. Јас извадив во јавноста документи кои ги има издадено техничката асистенција за изградба на овој автопат, бидејќи тука се користат пари од Европската Банка. Техничка асистенција е СУЕС, фирма која го изградила Суецкиот Канал. Многу јасно пишува дека заради промената на трасата се случуваат два проблеми“, рече Николовски.
Според него, првиот проблем е тоа што „вредноста на договорот потенцијално расте од 200 милиони на 240 милиони евра со можност да оди уште 20 проценти нагоре, накај 290 до 300 милиони евра, што е далеку од тоа што е проектиран буџет“.
„И второ во однос на тунелите, тие не се проектирани согласно европските стандарди, и истите не можат да се изведат на начин на којшто биле проектирани. И сега јас имав избор да влезам во проект и година-две да изгледам фино затоа што ќе велев, нели, еве почна да се работи и по година-две да имавме Охрид-Кичево. Или, пак, имав избор да ги земам работите како што јас мислев дека е правилно од почеток, да се решат проблемите па потоа да одиме со изградба на оваа делница. Тука не сакам и да зборувам за потенцијалниот криминал за промена на земјиште кое го презентиравме на пратеничко прашање во собранието, а тоа мислам и дека зажалија од ДУИ што го поставија тоа прашање. Состојбата е таква каква што е“, додаде Николоски.