Жена во бурка. / Фото: Архива на Слободен печат

Никаб и бурка се забранети во Швајцарија

Швајцарија им се придружи на Франција, Белгија и Австрија, Бугарија, Данска и Холандија, земји од Европа во кои се изгласани законски мерки со кои се ограничуваат муслиманските обичаи.

Граѓаните на Швајцарија на референдумот во неделата го поддржаа предлогот на екстремната десница во земјата за забрана за носење никаб и бурка, што ги носат дел од муслиманките во земјата.

Забраната ќе се однесува на покривање на лицето на јавни места, какви што се рестораните, спортските објекти, јавниот превоз или при одење по јавна површина.

Исклучок може да биде носењето никаб и бурка во верските објекти или од безбедносни и здравствени причини, какви што се носење маски за заштита од коронавирусот.

Муслиманските здруженија од Швајцарија го критикуваа референдумското прашање, сметајќи дека на тој начин муслиманските верници ќе бидат дополнително стигматизирани и маргинализарани. А, иако во референдумското прашање не беше стриктно наведена забраната за носење никаб и бурка, швајцарските муслимани се свесни дека новиот закон е насочен против нивните обичаи.

– Ова е јасен напад врз муслиманската заедница во Швајцарија – вели Инес Ал Шик, членка на феминистичка муслиманска организација.

Од Федерацијата на исламски здруженија во Швајцарија сметаат дека законот не е лош само за муслиманските верници туку и за целата земја.

– Конкретната политика е насочена кон мажите и жените од исламската вероисповед. Но, новата забрана е лоша и за Швајцарија. Со тоа се уриваат основните вредности на земјата – се вели во соопштението.

Интересно, но во критиката на новиот закон, се вклучи и Алијансата на хотелски и туристички работници, од каде сметаат дека забраната за носење бурка и никаб ќе значи и помалку туристи во Швајцарија од арапските земји.

– Забраната за бурка ќе ја оштети нашата репутација како отворена и толерантна туристичка дестинација – сметаат од алијансата.

Владата е против

Парламентот, како и седумчлениот Извршен совет на Швајцарија, се спротивставија на референдумот, сметајќи дека покривањето на лицето е „маргинално“ социјално прашање. Владејачките партии сметаа дека поприфатливо е усвојувањето закон со кој ќе се обврзат муслиманките да го откријат лицето во случај на безбедносна контрола.

Предлагачите на законот тврдат дека носењето шамија на лицето ја симболизира репресијата врз жените и дека се неопходни мерки за да се одржи принципот на покажување на лицето во слободно општество, какво што е швајцарското. Поддржувачите на референдумот велат дека во ниту еден момент не биле потенцирани поимите бурка и никаб, ниту, пак, се алудирало на муслиманските жени при предложувањето на новата законска мерка.

– Тоа пред сè се однесува на уличните насилни протести и фудбалските хулигани – велат од иницијативниот одбор на референдумот.

Сепак, кампањата за забраната за покривање на лицето на јавни места е оценета како исклучиво антиисламска.

Иницијативата за референдумот беше започната во 2016 година од Егеркиген комитетот, асоцијација што успешно го спроведе референдумот со кој се забрани градењето на минариња во Швајцарија во 2009 година. Оваа организација многумина ја поврзуваат со популистичката десничарска Народна партија на Швајцарија. Во нивната кампања доминираше постерот на кој можеше да се види портрет на жена во никаб и темни очила за сонце, заедно со слоганот: „Стоп за екстремизмот! Да, за забраната за покривање на лицето!“.

Во Швајцарија речиси некој не носи бурка или никаб

На референдумот излегоа нешто над 51 процент од граѓаните на Швајцарија, а забраната за покривање на лицето ќе се однесува на целата територија на кантонално поделената земја. Во кантоните Тицино и Сен Гален веќе извесно време на сила е забраната, а во 15 од вкупно 26 кантони на сила е забрана за покривање на лицето за време на протести и спортски натпревари.

Муслиманите сочинуваат околу пет проценти од 8,6 милионската популација на Швајцарија, а најголемиот дел од нив се по потекло од Турција, Босна и Херцеговина и Косово. Интересно е дека неодамна беа објавени резултатите од истражувањето на Универзитетот на Луцерн, со кои се потврдува дека во Швајцарија само исклучително мала група муслиманки го покрива лицето од верски причини. Токму ова истражување беше употребено како аргумент на противниците на референдумот, со образложение дека со забраната не се регулираат домашните проблеми, туку се демотивираат муслиманските туристи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот