Лидерска средба на Мицкоски и Филипче / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Ни Вреди ни ДУИ не прифаќаат „лидерска од втора“

Партиите од албанскиот политички блок средба не побараа и нема да побараат, но затоа излегоа со жестоки обвинувања дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ организирале моноетнички состанок и дури дека македонските лидери го прекројуваат општественото уредување на државата

Засега ниту еден претседател на парламентарна партија не се изјасни дали ќе побара лидерска средба во проширен состав, откако состанок очи в очи се одржа помеѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Партиите од албанскиот политички блок средба не побараа и нема да побараат, но затоа излегоа со жестоки обвинувања дека Мицкоски и Филипче организирале моноетнички состанок и дури дека македонските лидери го прекројуваат општественото уредување на државата.

И Мицкоски и Филипче, кои првиот состанок го оценија како конструктивен, повторно повикуваат на лидерска на која би учествувале претседателите на парламентарните партии.

– Секој што ќе побара средба во насока на градење единство за најважните државни прашања е добредојден – вели висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерска средба на Мицкоски и Филипче / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Филипче повтори дека повикот за средба бил за сите претседатели на партии, но дека еден од политичарите од албанскиот блок рекол дека „тоа би било губење време“.

– Иницијативата произлезе од трагедијата во Кочани. Видовме дека има битни прашања за развој на државата и дека сите субјекти мораме да соработуваме без разлика на нашите политички убедувања. На средбата се состанавме како лидери на двете најголеми партии во македонскиот блок и премиерот беше прв и единствен кој без никаква забелешка ја прифати средбата. Треба да продолжиме во насока на организација на средба на лидерите на сите големи партии. Ова е уште еден мој повик до сите партии од сите блокови – рече Филипче.

Тој додаде дека ќе почне изработката на начинот за реформската агенда со сите партии заедно, по примерот на развиените западни демократии.

– Ние сме мала земја и мораме да се обединиме за најважните прашања – рече Филипче.

Освен дека ни владините партнери Вреди и ЗНАМ, ни опозициските ДУИ и Европскиот фронт немаат намера да побараат лидерска средба, засега неизвесно е и дали претставници на тие партии ќе се вклучат во работните групи за реформските закони што ги договорија Мицкоски и Филипче.

ДУИ: Нека продолжат со моноетничкото уредување

Од ДУИ за „Слободен печат“ велат дека ниту ќе побараат Мицкоски да свика лидерска ниту ќе бараат очи в очи средба на Али Ахмети со премиерот, ниту ќе учествуваат во работните групи.

– Не, ние не сме второкласен народ. Нека продолжат со моноетничкото уредување кога така веќе избрале – велат од ДУИ.

Од партијата на Ахмети лидерската ја оценија како средба на првопласираната партија на изборите со третопласираната и прашаа дали критериумот за учество е етничката припадност, наместо демократскиот легитимитет.

Али Ахмети, претседател на ДУИ, Фото: Фејсбук ДУИ

– Дали ова значи дека се воведува нова практика на едноетничко моделирање на државата каде што Албанците и другите заедници се сведени на набљудувачи. Дали „новиот општествен договор“ е почеток на постохридско прекројување на уставниот модел на Северна Македонија – велат од ДУИ и прашуваат зошто на средбата не бил присутен ниту еден претставник од албанската заедница – ниту од власта ниту од опозицијата, ако навистина се разговара за иднината на државниот поредок.

Од владејачката Вреди, која претходно оцени дека лидерската средба е губење време, по состанокот на Мицкоски и Филипче велат дека ќе учествуваат во работните групи и дека, ако има потреба, ќе се видат и на лидерска.

Од владиниот партнер ЗНАМ повторија дека креаторот на проблемите не може да биде и нивно решение решение, алудирајќи на барањето на Филипче за лидерска средба.

– Ние секогаш сме поборници за институционален дијалог меѓу партиите, но основната расправа треба да се води во Собранието. Владата има демократски капацитет да може да ги земе предвид предлозите на сите партии, вклучително и на СДСМ. Во Собранието треба да се води главната дебата. Ова се обиди на СДСМ да се факторизира на политичката сцена, имајќи предвид во каква очајна состојба се наоѓа – велат од ЗНАМ.

Максим Димитриевски Фото: Принтскрин

Обвинувањата на ДУИ за моноетничка средба ги демантираат и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

– ДУИ кога не е во можност да краде прибегнува кон национализам, кој е последното прибежиште на криминалците. Во моментов Али Ахмети е последниот фактор за нестабилност на Балканот – велат од партијата на Мицкоски.

Филипче демантира дека станува збор за моноетничка средба.

– Во Извршниот одбор на СДСМ има Албанец, има Македонка муслиманка, а во следниот период во Централниот одбор на партијата ќе има и Ромка. Ние сме мултиетничка партија и никој нема право нас да нè обвинува за некакви етнички или националистички политики или пристап – рече Филипче.

 Филипче: Дополнителна дебата и со експертски групи

Лидерот на СДСМ појасни дека на средба со Мицкоски се договориле да соработуваат во однос на реформската агенда за Планот за раст на ЕУ, во која првата група закони се од областа на правосудството, енергетиката, културата и дигитализацијата.

– Ние ќе идентификуваме експерти во тие области и ќе ги понудиме на министерствата, во рамките на процесот на изработка на законите, а можно е да продолжиме и во делот на Националниот совет за евроинтеграции и за дополнителна дебата со експертски групи во граѓанскиот сектор, што е многу битно поради тоа што треба да се вклучи и, секако, различни стручни здруженија од различни области кои имаат желба – рече Филипче.

Христијан Мицкоски / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Мицкоски во телевизиско интервју рече дека со Филипче разговарале за градење национален консензус за клучните прашања.

– Ние можеме да се критикуваме за области за кои треба да има простор за критика, но кога станува збор за клучните правци, мора да изградиме култура што ќе значи единство и консензус. Очекувам и од другите политички партии доколку побараат средба, истото да им го предложам – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот