Дебатата ќе се одржи на 7 мај, со почеток во 19 часот

Независната уметничка сцена е во фокусот на јавна дебата што ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“

Јавната дебата со тематски наслов „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“ на 7 мај, со почеток во 19 часот, ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“. Говорници на дебатата ќе бидат Искра Гешоска, Мања Величковска и Роберт Алаѓозовски, а модератор ќе биде Тијана Спасовска.

– Независната културна сцена е повторно турната на маргините. Во изминатите години имаше знаци на зголемена поддршка и успешни примери, како хибридната институција КСП „Центар-Јадро“. Со последните промени, новоименуваното Министерство за култура и туризам ја откажа проектната програма за интердисциплинарни проекти и повеќекратно ја намали поддршката за проектите на Независната сцена. Во услови на зголемена поларизација, на повлекување на странските донатори, на пренасочување на вниманието кон најранливите актери, потребата од засилена помош за Украина, Независната сцена се соочува со закана за нејзиното опстојување.

Целта на оваа јавна дебата е да се преиспита и уште еднаш да се укаже на важноста од постоењето на Независната сцена за културната демократија, плурализмот на уметнички изрази и развојот на критичкото мислење. Независната културна сцена е цветот на современата култура, зародиш на иновативни и експериментални културни практики и промотор на македонската креативност во светот. Потребен е поголем слух за нејзината важност, системска поддршка и стабилни услови за развој од сите нивоа на власт – истакнуваат организаторите на дебатата.

Јавна дебата „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“ е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ „Есперанца Светски културен центар“, Институтот за медиуми и аналитика и КСП „Центар-Јадро“ од Скопје. Проектот е поддржан од програмата „Ваха 3: Усвојување на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на „Анадолу култур“ и „Зуса“, финансирана од Фондацијата „Меркатор“ и Европската културна фондација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот