„Невидливите“ пациенти за време на вонредните состојби го заслужуваат нашето внимание

Д-р Ханс Клуге

Незаразните заболувања нема да одбегнат речиси никого од нас во одреден момент од нашите животи. Справувањето со незаразните заболувања за време на вонредни состојби не е опција туку е императив доколку сакаме да имаме отпорно население и отпорно општество.

Живееме во време на перманентна кризна состојба („пермакриза“). Ние овде, во европскиот регион на СЗО, последниве години се соочивме со голем број вонредни состојби како никогаш порано во минатото, како што беа епидемиите на одредени болести, пандемијата, воени конфликти, екстремни временски услови, но и со елементарни и човечки предизвикани непогоди.
Освен со овие предизвици, европскиот регион на СЗО со соочува и со растечкиот проблем на присилни раселувања и миграции на луѓето, кои во голема мера се предизвикани од вооружени конфликти или катастрофи, така што во моментов нашиов регион е засолниште за повеќе од една третина од вкупниот број мигранти во светот. Само војната во Украина во последниве две години беше причина 5,4 милиони Украинци да побараат азил или слична заштита низ Европа. Процените велат дека околу 10 милиони Украинци, вклучувајќи и деца, се под ризик од проблеми со менталното здравје. Сите овие фактори придонесуваат за чувството дека сме постојано во некаква состојба на криза.
Со повеќе од 75 години искуство во справување со здравствени вонредни состојби, СЗО знае дека во ситуација на вонредна состојба под поголем ризик се луѓето што се и онака, на некаков начин, ранливи. Во оваа група спаѓаат и лицата на кои им била потребна медицинска нега и пред кризата, односно лицата со незаразни заболувања или хронични состојби какви што се срцевата болест, малигните заболувања, астмата или дијабетесот.
Сепак, кога ќе настане вонредна состојба – предизвикана од природата или од човечки фактор, сеедно – највидливите жртви се оние што ќе се затекнат сред насилниот конфликт или пред налетот на опасностите што ги носи со себе елементарната непогода. Секако дека никако не смееме да ги игнорираме овие честопати драматични и животоспасувачки потреби, но истовремено мораме да правиме планови и за „невидливото“ влијание на вонредните состојби и катастрофите врз здравјето.
Ова го видов со свои очи кога ја посетив северна Украина во близина на границата со Белорусија, кратко време по почнувањето на војната. Ниту една аптека или здравствена установа за примарна здравствена заштита не беше во функција. Разговарав со една постара госпоѓа, која во новонастанатите околности веќе немаше пристап до лековите што ѝ беа од животна важност за нејзината болест, а немаше доволно пари за да се евакуира во некој побезбеден дел од Украина.

Она што ѝ преостануваше како опција е да ја чека смртта, било од борбени дејства било од болеста, во зависност од тоа што ќе се случи прво. Затоа, заедно со Министерството за здравство на Украина, помогнавме да се отворат пунктови за издавање лекови во областа за пациентите да можат барем да ги добијат лековите што им се потребни за нивното незаразно заболување.
Многупати сме биле сведоци на ситуации каде што болни од рак и од дијабетес, кои ќе се затекнат во некаков конфликт, се мачат да најдат лекови што одат на рецепт, што остава разорни последици по нивното здравје; или постари лица со хронични состојби оставени самите да се справуваат со прекини во снабдувањето со струја и вода за време на елементарни непогоди; или лица со компромитиран имунитет кои умираат сами дома за време на екстремни топлотни бранови.
Сите овие кризи покажуваат дека овие шокови се меѓусебно испреплетени и дека ги бришат вештачките разлики што се прават меѓу заразните и незаразните болести, меѓу здравствената екологија и личното здравје, како и меѓу здравствените грижи на една земја наспроти грижите на нејзините соседи. Трагично е што е преедноставно да се предвиди кој прв ќе го загуби животот кога ќе се случи следниот шок. За жал, тоа ќе бидат оние со најмала моќ и ресурси во општеството, оние со најслаби здравствени резерви, а тоа се најмладите и најстарите лица, како и оние што живеат со хронична болест.
По минатогодишните разорни земјотреси во Турција, веднаш на самото место пристигнаа меѓународни тимови за пружање итна медицинска помош за да ги лекуваат пациентите со повреди здобиени поради рушење на објектите, но исто така многу членови на овие тимови помагаа пружајќи услуги од доменот на примарната здравствена заштита со цел да не прекине задоволувањето на рутинските медицински потреби на заедниците погодени од земјотресот.
Во Украина, бројот на смртни случаи поврзани со незаразни заболувања има нагорен тренд за време на актуелниов конфликт. Луѓе што со години живееле со добро водена срцева или респираторна состојба, одеднаш се најдоа под акутен ризик од умирање.
Потребата поинтензивно да се работи со пациентите со хронични заболувања исто така излезе на површина за време на пандемијата на КОВИД-19. Додека од една страна нашиот првичен одговор на кризата беше насочен кон прекин на ширењето на вирусот SARS-CoV-2, за кратко време сфативме и дека мора да обезбедиме непречено обезбедување на рутинските здравствени услуги. Апелирам ваквиот пристап со паралелно делување на двата фронта да биде применуван за време на сите вонредни состојби, сите кризи и сите катастрофи.
Вреди постојано и постојано да се повторува дека незаразните заболувања се убедливо најчестата причина за смрт низ европскиот регион на СЗО. Вкупно земено, четирите водечки незаразни заболувања – кардиоваскуларните, малигните, дијабетесот и хроничните респираторни заболувања – се причина за неверојатни 90 отсто од сите смртни случаи во европскиот регион на СЗО. Овие заболувања мора да ни бидат приоритет и за време на вонредните состојби, исто како што тоа го правиме во нашите рутински здравствени програми.
Превенцијата на незаразните заболувања мора да биде центарот на внимание на сите здравствени политики во времево во кое живееме, кое се одликува со перманентна кризна состојба. Тоа е така затоа што колку подобро ќе ги спречуваме незаразните заболувања, толку поотпорни ќе бидат нашите граѓани и здравствени системи при појава на вонредна состојба.
Токму затоа, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ќе организира, заедно со Владата на Данска, средба на високо ниво за незаразните заболувања во услови на хуманитарна криза, на која ќе учествуваат лидери кои ќе се потрудат да им помогнат на земјите да изнајдат решенија за овие состојби.
Време е да ги свртиме рефлекторите на вниманието кон „невидливите“ пациенти, особено затоа што државите се имаат обврзано да ја намалат прераната смртност од незаразни заболувања со самиот чин на ратификување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Како што се стремиме кон создавање отпорни здравствени системи за да бидеме подготвени за предизвиците на утрешнината, вклучително и за идни пандемии и за сè посилните влијанија на климатските промени, исто така е потребно да осмислиме политики и планови за вонредни состојби што на соодветен начин ќе ги задоволат легитимните потреби на лицата што живеат со незаразни заболувања.
Незаразните заболувања нема да одбегнат речиси никого од нас во одреден момент од нашите животи. Справувањето со незаразните заболувања за време на вонредни состојби не е опција туку е императив доколку сакаме да имаме отпорно население и отпорно општество. Во таа насока, дозволете да ја цитирам елоквентната изјава на 14-годишниот Артур – пациент со дијабетес од Украина: „Животот како бегалец не е лесен, но животот како личност со дијабетес е уште потежок.“

(Авторот е директор на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот