
Неверојатен десерт од Дијана Иваноска: Панакота со ф’стаци
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Препорачано
– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно уникатно гастрономско уживање – панакота со ф’стаци.
Состојки:
– 550 мл млеко
– 80 г шеќер
– 80 г ф’стаци излупени
– 60 мл неутрално масло
– 1/2 лажиче агар-агар
– 1 лажиче мача во прав (опционално за поинтензивна боја)
– 100 мл слатка павлака
– 30 г печени ф’стаци
– 1 полна лажица шеќер

Подготовка:
Ф’стаците ставете ги да се варат 1 до 2 минути. Исплакнете ги со ладна вода и истријте ги во чиста крпа за полесно да се отстранат тенките лушпи.
Ставете ги во блендер заедно со маслото, млекото и мачата (доколку ставите) и блендирајте додека се добие изедначена смеса.
Во тенџере ставете го шеќерот и агар-агарот и низ цедалка сипете ја смесата со ф’стаци. Загревајте додека да почне да врие. Откако ќе зоврие, префрлете ја смесата во помали садови или шолјички. Ставете ги во фрижидер целосно да се изладат.
Слатката павлака изматете ја.
Шеќерот ставете го да се загрева во тенџерче на оган. Кога ќе добие убава карамел боја, додајте ги ф’стаците и измешајте ги да се обложат со карамелот. Префрлете ја смесата на хартија за печење да се излади и да се стегне. Исечкајте ги карамелизираните ф’стаци.
Панакотата превртете ја внимателно на чинија за послужување. Одозгора додајте од слатката павлака и од сечканите ф’стаци.