
Неуставно е разрешување членови на Судскиот совет во Собранието
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ толкуваат дека со ова има можност за интерпелација на овие членови, но ова само би значело политички притисок за тие сами да понесат морална и политичка одговорност.
По критиките од експертската заедница и Европската комисија за намерата на власта да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, сега веќе не се споменува распуштање на двата совети, туку разрешување на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.
Препорачано
Според информациите на „Слободен печат“ од Собранието, откако извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година не помина на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, одржана во ноември, извештајот не бил усвоен и на Пленарна седница во Собрание која се одржала на 16 декември годинава. Пратениците всушност го усвоиле заклучокот на Комисијата за политички систем – Собранието да не го усвои годишниот извештај за работата на Советот.
Со неусвојувањето на годишниот извештај, се отвора можноста пратениците да се повикаат на членот 100 од Законот за судски совет и да отворат расправа за работата на членовите на Советот, избрани од Собранието.
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основа за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот“, е еден од ставовите од овој член од Законот за судски совет.
Собраниски извори за „Слободен печат“ коментираат дека засега во законодавниот дом освен неусвојувањето на извештајот на Советот нема друга иницијатива за расправа, но не се исклучува можноста да се отвори расправа што би завршила со разрешување на членовите на Судски.
Владата ги истакнува заложбите за спроведување клучни реформи во правосудството, но за можноста за разрешување упатуваат на Собранието.
– Со оглед на фактот што станува збор за надлежност на Собранието и предвидени постапки согласно Деловникот за работа на Собранието, ве замолуваме да побарате одговор од пратениците – велат од Влада.
Интерпелацијата е можна и без неусвојување на извештајот
Сепак, правните толкувања се дека власта не може така лесно да ги разреши овие членови на Советот. Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ толкуваат дека со ова има можност за интерпелација на овие членови, но ова само би значело политички притисок за тие сами да понесат морална и политичка одговорност.
– Неусвојувањето на годишниот извештај е основа за покренување постапка за утврдување на одговорност на членовите на советите. Во конкретниот случај, тоа значи дека постои можност да се примени интерпелација како еден од поважните механизми за политичка контрола и надзор од Собранието врз носителите на јавни функции. Притоа, битно е да се има предвид дека интерпелацијата може да биде поведена независно од усвојување на извештајот за работа, доколку најмалку пет пратеници не се задоволни со работата на функционерот. Доколку Собранието ја прифати интерпелацијата, по расправањето, донесува заклучок со кој констатира незадоволството од вршењето на јавната функција. Во оваа насока, треба да се има предвид дека самиот чин на прифаќање на интерпелацијата и донесување заклучок од Собранието не подразбира разрешување членови, туку претпоставува дека на овој начин се врши јавен и политички притисок врз функционерите на кои се однесува интерпелацијата за тие самите да понесат морална и политичка одговорност – објаснуваат од Коалиција.
Според Уставот, разрешувањата се уредуваат со закон
Но, освен ова, постои и уште едно правно толкување дека овој чекор на пратениците би бил противуставен. Имено, во амандманот 18 од Уставот стои дека условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со Закон.
Истите извори се повикуваат на член 34 и 35 од Законот за судски совет во кои се пропишани основите и постапката за покренување на дисциплинска постапка за член на Советот. Според овие членови, барање за поведување постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет, кое може да резултира со разрешување на тој член, до Судскиот совет може да поднесат најмалку 20 судии или секој член на Судскиот совет со право на глас, а одлуката за разрешување ја носи мнозинството членови на Судскиот совет, без разлика дали станува збор за член на Советот избран во Собрание или избран од редот на судиите.
Во постојниот состав на Советот, петмина членови се избрани во Собранието, од кои двајца се на предлог на претседателот. Меѓу нив е и Весна Дамева, која неодамна си поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет поради притисоци од извршната власт.
Таа во оставката го посочи премиерот дека се обидувал да го наруши нејзиниот интегритет, а потсети и на неговата изјава за поставување на „наши“ луѓе во правосудството. Нејзиниот мандат како член на Советот завршува на крајот на следната година.
Мандатот уште не им е истечен ниту на Павлина Црвенковска која беше избрана за член во 2020 година, на Селим Адеми кој го предводеше „пучот“ против Дамева, на Миљазим Мустафа и на Тања Чачарова Илиевска.
Минатата недела, свечена заклетва во Собрание дадоа двајца нови членови на Советот, Данка Ристова и Аритон Ала, избрани од редовите на судиите. Ристова е сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш, но ниту таа, ниту премиерот Христијан Мицкоски во нејзиниот избор не гледаат партизација на Советот од актуелната власт.