
Нетанјаху под притисок од крајно десничарските министри пред средбата со Трамп
Крајнодесничарските коалициски партнери на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претставниците на доселениците бараат од лидерот на владата да го анектира Западниот Брег и да ја продолжи војната во Газа со цел да се обезбеди целосен пораз на Хамас, пишува агенцијата ДПА во недела, повикувајќи се на „Тајмс оф Израел“.
Препорачано
Притисокот врз Бенјамин Нетанјаху доаѓа пред неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник во Вашингтон.
Трамп неодамна изјави дека нема да дозволи анексија на Западниот Брег. Палестинците се надеваат дека областа ќе стане дел од нивната идна држава.
Се очекува Трамп да му презентира на Нетанјаху план од 21 точка за завршување на војната во Појасот Газа, наведува израелскиот медиум.
Планот наводно вклучува итно ослободување на израелските заложници што ги држи Хамас во Газа, од кои се верува дека 48 се живи, во замена за ослободување на неколку стотици Палестинци од израелските затвори и повлекување на израелската армија од енклавата.
Според овој план, Хамас нема да има никаква улога во Појасот Газа, а на Израел нема да му биде дозволено да го анектира Западниот Брег. На палестинските територии ќе се воспостави преодна влада.
Се вели дека се предлага пат кон палестинска држава како резултат на преговори под американско покровителство, но Нетанјаху останува силно против него.
Министерот за национална безбедност од крајната десница, Итамар Бен-Гвир, напиша во објава на X дека Нетанјаху нема мандат да ја заврши војната без апсолутна победа над Хамас.
Владејачкото мнозинство на Нетанјаху е под закана
Според израелскиот телевизиски канал N12, министерот за финансии Безалел Смотрих поставува три клучни барања во врска со планот на Трамп: Палестинската самоуправа не треба да има никаква улога во управувањето со Газа или Западниот Брег, Хамас мора целосно да биде распуштен и разоружан, а Израел мора да анектира делови од Западниот Брег без да признае палестинска држава, спротивно на меѓународните повици за решение со две држави.
Позицијата на Нетанјаху како шеф на владата зависи од поддршката на крајно десничарските коалициски партнери.
Неговата влада продолжува да гради населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година за време на војната против Египет, Јордан, Сирија и Ирак. Повеќе од 700.000 израелски доселеници сега живеат таму меѓу околу три милиони Палестинци.