Палестина и Израел на Гугл Мапс / Фото Гугл Мапс

Нетанјаху: Палестинската држава нема да биде основана западно од реката Јордан

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека палестинската држава „нема да се случи“ и дека оние земји што ја признаа даваат „огромна награда на тероризмот“.

„Имам јасна порака до оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр од 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот“, рече Нетанјаху во видео изјава, пренесува Јерусалим пост.

Тој нагласи дека одговорот на Израел на новите признавања на Палестина ќе дојде откако ќе се врати од Соединетите Држави следната недела и додаде дека палестинска држава нема да биде основана западно од реката Јордан, објави „Тајмс оф Израел“.

„Одговорот на неодамнешниот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден откако ќе се вратам од Соединетите Држави. Почекајте“, нагласи Нетанјаху.

Израелскиот премиер рече дека под негово водство, Израел ги удвои еврејските населби во Јудеја и Самарија, како што Тел Авив го нарекува окупираниот Западен Брег, и додаде дека ќе продолжи по тој пат.

Бенјамин Нетанјаху / Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN / POOL

Обединетото Кралство, Канада и Австралија, а подоцна и Португалија, вчера официјално ја признаа државата Палестина.

Палестина моментално е признаена од околу 75 проценти од 193-те земји-членки на ОН, но нема меѓународно договорени граници, главен град или армија.

Од ноември 2012 година, таа има статус на држава набљудувач, која не е членка на Генералното собрание на Обединетите нации.

За денес во Генералното собрание на ОН е закажана меѓународна конференција на високо ниво за мирно решавање на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот