
Нетанјаху: Не ги повлекувам силите од Појасот Газа, нема шанси тоа да се случи
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа, еден ден откако го претстави планот за завршување на војната со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека нема намера да ги повлече израелските сили од Појасот Газа.
Препорачано
„Нема шанси, тоа нема да се случи“, рече Нетанјаху во видео објавено на неговиот личен профил на мрежата X, еден ден откако разговараше со Трамп во Белата куќа и рече дека го прифаќа американскиот план, кој, меѓу другото, предвидува и повлекување на израелската армија.
Според него, Израел го свртел текот на настаните против Хамас охрабрувајќи ги арапските и муслиманските земји да извршат притисок врз палестинската милитантна група да ги прифати условите на Израел – ослободување на затвореници со израелско воено присуство во поголемиот дел од окупираната палестинска енклава.
Според „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху, исто така, обезбедил клучни промени во планот на Трамп што би го забавиле и ограничиле секое повлекување, така што израелските сили би ја задржале контролата врз големи делови од Појасот Газа.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, објавен во понеделник, предлага крај на конфликтот меѓу Израел и членовите на палестинската милитантна група Хамас, како и враќање на сите заложници што ги држи групата, мртви и живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.
Планот, меѓу другото, предвидува дека израелските сили ќе се повлечат по договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.
Газа би била ставена под контрола на меѓународно тело, предводено од американскиот претседател Доналд Трамп, а во кое би бил вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.