Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху/ EPA/DAN BALILTY / POOL

Нетанјаху и израелски министер го нападнаа Стармер по убиствата во синагогата: Повиците за тероризам се чести во Британија, а владата седи со скрстени раце

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изрази солидарност на Израел со еврејската заедница во Велика Британија, по нападот со нож во синагога во Манчестер, кој беше прогласен за „терористички инцидент“, објави „Гардијан“.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, ја обвини Велика Британија дека не дејствува против антисемитизмот во својата реакција на нападот во Манчестер, во кој загинаа две лица.

Четири лица повредени во напади со автомобил и со нож во синагога во Манчестер, полицијата го застрелала осомничениот

Саар изјави дека е ужаснат од убиствата, тврдејќи дека антисемитската пропаганда станала „широко распространета“ низ Британија.

„Мора да се каже вистината: очигледното и раширено антисемитско и антиизраелско поттикнување, како и повиците за поддршка на тероризмот, во последно време станаа широко распространет феномен на улиците на Лондон, во градовите низ Британија и на универзитетските кампуси,“ напиша Саар на социјалната мрежа „Икс“ во четвртокот вечерта.

Тој дополнително ги обвини британските власти дека не преземаат неопходни мерки за да го запрат „токсичниот бран на антисемитизам“ и дека дозволуваат тој да продолжи.

„Очекуваме повеќе од зборови од владата на Стармер. Очекуваме и бараме промена на курсот, ефективна акција и спроведување на законот против раширеното антисемитско и антиизраелско поттикнување во Британија,“ порача Саар.

Нетанјаху издаде соопштение во кое изјави дека Израел стои во солидарност со британската еврејска заедница.

„Израел тагува со еврејската заедница во Велика Британија по варварскиот терористички напад во Манчестер. Нашите срца се со семејствата на убиените и се молиме за брзо закрепнување на повредените,“ стои во соопштението објавено од канцеларијата на премиерот во четвртокот.

Нетанјаху остро ја критикуваше британската влада кога минатиот месец ја призна палестинската држава заедно со уште неколку земји, меѓу кои и Австралија.

„Како што предупредив на ОН: слабоста пред тероризмот носи само повеќе тероризам. Само силата и единството можат да го поразат,“ изјави Нетанјаху во четвртокот.

Тој претходно го обвини премиерот Кир Стармер и другите лидери кои ја признаа палестинската држава дека „му дадоа огромна награда на тероризмот“. Стармер, пак, изјави дека признавањето на палестинската држава е неопходен чекор кон мирно решение со две држави и дека Хамас нема да има место во идната палестинска држава.

Стармер го прекинува престојот во Данска: Итно се враќа во Велика Британија поради нападот во Манчестер

Нападот се случи во четвртокот наутро, кога маж нападна синагога во Крампсол, Манчестер, убивајќи двајца членови на еврејската заедница и сериозно повредувајќи четворица верници кои дошле да го прослават Јом Кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар.

Напаѓачот, кој според полицијата изгледал како да носи „експлозивна направа“, бил застрелан од полицијата откако избол едно лице и се обидел да прегази верници со автомобил. Подоцна полицијата соопшти дека направата не била функционална и дека привела уште двајца осомничени во врска со нападот.

Полицијата во Манчестер го прогласи националниот протокол „Плато“ – код кој се користи при одговор на „терористички напад во движење“.

Премиерот Стармер се врати предвреме од состанок во Данска за да претседава со итен состанок на владата. По него, тој го осуди „гнасниот“ напад и им порача на британските Евреи дека ќе направи „сè што е во негова моќ за да им ја гарантира безбедноста што ја заслужуваат“.

„На секој Евреин во оваа земја сакам да му порачам: Знам колку страв чувствувате во себе, навистина знам,“ изјави Стармер.

Стармер го прекинува престојот во Данска: Итно се враќа во Велика Британија поради нападот во Манчестер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот