
Нетанјаху ги отфрли тврдењата дека непотребно ја продолжува војната во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата дека од политички причини ја продолжил војната против палестинското милитантно движење Хамас во Газа и потсети дека „денот по почетокот на оваа војна“ рекол дека тоа ќе го промени „лицето на Блискиот Исток“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во разговор за вестите на Канал 13, Нетанјаху рече дека Израел „не само што се бори против Хамас“, туку „се бори против целата иранска оска, од која Хамас е само еден дел“, објави денес „Тајмс оф Израел“.
„И ги елиминиравме компонентите на оската, една по една. Прво, се справивме со Хамас, моравме да одиме во Рафа и да ја преземеме контролата врз Филаделфискиот коридор, потоа да се движиме на север и да ја спроведеме „Операцијата Пејџер“, да го елиминираме Хезболах и да продолжиме напред, и како резултат на тоа, (сирискиот претседател Башар) ал-Асад падна. Сите овие фази всушност ја скршија иранската оска додека ја подготвуваа да го елиминира Израел“, рече Нетанјаху.
Кога беше прашан дали ова значи дека, ако нападот на Хамас врз југот на Израел не се случеше во октомври 2023 година, со што започна војната, Иран ќе станеше нуклеарна сила, Нетанјаху рече дека не е сигурен за тоа.
„Не, не знам тоа… Но, Иран ја планираше оваа контрола и сакаше да ги преземе овие последни чекори во својата нуклеарна програма, да се вооружи, односно да добие нуклеарно оружје, и тоа го направи многу внимателно“, рече Нетанјаху.
На прашањето дали ги разбира оние кои веруваат дека брзината на војната во Иран, која заврши за 12 дена, од 13 до 24 јуни, покажува дека тој може брзо да ги заврши војните кога сака и затоа ја продолжува војната во Газа речиси две години за да го искористи сопствениот политички опстанок, Нетанјаху одговори дека прашањето е „злонамерно“ и го потсети на заземањето на Фалуџа во Ирак предводено од САД во 2004 година.
„Колку време беше потребно за победа во Фалуџа? Девет месеци. Девет месеци целиот свет се соочи со 3.000 терористи на место кое е многу помалку комплексно од Газа. Значи, прво, мислам дека го правиме тоа побрзо од сите тие армии заедно, под многу потешки услови. Второ, ние ја водиме оваа војна со предизвици какви што никој друг не ги има. Ова е војна со заложници. Кога има заложници, бидете внимателни, склучувајте прекини на огнот“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека американската администрација за време на претседателот Џозеф Бајден, „по неколку недели безрезервна поддршка, почна не само да има резерви“, туку и го блокираше Израел.
Нетанјаху додаде дека Израел добил многу посилна поддршка од американската администрација откако Доналд Трамп стана претседател на земјата.
„Она што се случи е дека не требаше само да го победиме Хамас, туку мораше да ја победиме целата иранска оска, вклучително и самата војна со Иран. Значи, мислам дека сега сме во одлучувачка фаза. Она што започна во Газа, ќе заврши во Газа“, заклучи Нетанјаху.