Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Несовесни муштерии: ги полнат количките со производи, ама ги оставаат на паркинзи или си ги носат дома

Количките се сопственост на продавниците, па дури и ако оставите депозит од 50 денари, нивното невраќање е сериозен прекршок. Продавачките велат дека во последно време не дозволуваат нивно изнесување надвор, иако има граѓани и компании кои ги преполнуваат и мора да ги возат до нивниот автомобил. Но има и граѓани кои си ги нарамуваат пластичните кошнички и никогаш не враќаат

Нема точна бројка за бројот на украдените пластични кошнички и колички за пазарење во домашните маркети, но ова станува сериозен проблем за малопродажните синџири, бидејќи штетите се големи. Цените на една метална количка се движат меѓу 100 и 250 евра, брифираат дел од познавачите за „Слободен печат“.

Количките се сопственост на продавниците, па дури и ако оставите депозит од 50 денари, нивното невраќање е сериозен прекршок. Продавачките велат дека во последно време не дозволуваат нивно изнесување надвор, иако има граѓани и компании кои ги преполнуваат и мора да ги возат до нивниот автомобил. Но има и граѓани кои си ги нарамуваат пластичните кошнички и никогаш не враќаат.

На дел од паркинзите на големите супермаркети се гледаат расфрлани колички, оставени да ги приберат вработените, а кај маалските дуќани се забележува по некоја количка со лого од некој голем маркет, која газдите за користат за свои потреби. Дел од малопродажните синџири ги обезбедуваат своите колички за купување со посебен систем; штом некој се обиде да го напушти паркингот на супермаркетот, тркалата на количката се блокираат. Одредени маркети, дури објавуваат предупредување за да соопштат дека не сакаат клиентите да го напуштат дуќанот со кошничка или количка.

-Се забораваат случајно или намерно, трчаме по нив. До таму ли е стигнато да се краде пластична кошничка или метална количка. Ги оставаат валкани, мора да се пребришат, а некои клиенти им ги кршат и рачките. Постојано се набавуваат нови, оти тоа е дел од задолжителната опрема во секој маркет – вели една шефица на маркет во центарот на Скопје.

Германските медиуми пишуваат дека секоја година, околу 100.000 колички за купување се крадат од паркинзите на супермаркетите и никогаш не се враќаат, предизвикувајќи им материјална штета од 15 милиони евра. Лице кое позајмува количка за купување од супермаркет, но брзо ја враќа, законски не извршило кражба. Во повеќето случаи, нема да бидете казнето, но продавниците можат да ве тужат ако ја оштетите количката. Во овој случај, може да добиете казна.

И во австриската престолнина Виена има зголемување на кражбите на колички за купување од супермаркети. Минатата година, вработените во градското собрание собрале над 25.300 напуштени колички за купување, што е за 11 проценти повеќе од претходната година, објави австриската радио-телевизија ОРФ, пренесе БТА. Повеќето колички за купување се собираат од тротоарите и зелените површини на улиците, а потоа се носат во градските магацини. Минатата година беа собрани 25.353 – во 2021 година, 19.336, околу 6.000 помалку.

Општината наплаќа надомест од 7,90 евра по количка за услугата. Околу 95 проценти од нив подоцна ги враќаат супермаркетите. Годишните загуби за трговија се значителни: само за виенските филијали на синџирот Spar, тие изнесуваат околу 150.000 евра, известува портпаролката на компанијата Никол Беркман. Производителите веќе реагираат на проблемот и нудат колички за купување со ЏПС систем против кражба. Според специјализираното списание Перал, околу 30 проценти од филијалите Билла веќе имаат таков систем. Синџирот Спар моментално го користи во 17 филијали во Виена. Системот спречува количката да го напушти паркингот на супермаркетот. Тркалата се блокираат штом ќе се помине одредена област.

Инаку, научниците итврдија дека рачките на колички за купување и корпите најверојатно се полни со бактерии, бидејќи ги допираат голем број луѓе. Покрај тоа, притисокот врз овие рачки е силен, а силата на притисок е клучна за пренос на бактериите. Истражувањата откриле различни бактерии на нив, вклучувајќи ги и оние што можат да предизвикаат болести што се пренесуваат преку храна, како што се Ешерихија коли и Стафилококус ауреус.

Количките за пазарење потекнуваат од САД

Количките за пазарење во супермаркетите, сепак се изум кој е создаден релативно неодамна, непосредно пред Втората светска војна. Како што е случајот со многу други работи поврзани со купувањето и слободниот пазар, и оваа потекнува од САД, а ни помалку ни повеќе, од Оклахома. Сопственикот на синџирот супермаркети „Хампти Дампти“, претприемачот Силван Голдман, смислил револуционерно решение кое го промени изгледот на големите супермаркети. Во средината на триесеттите години од минатиот век, тој сакал да им го олесни купувањето на клиентите (кои во тоа време биле претежно жени), но и да го забрза самиот процес. Интересно е што бил инспириран, пред сè, од обични преклопни столчиња, пишува Редпортал.рс.

Во 1937 година, Голдман и неговиот пријател механичар, Фред Јанг, поставиле преклопни столчиња на тркала и спуштиле корпа за пазарење во седиштето на столчињата. Ова била првата од сите колички за пазарење. Купувачите на Голдман генерално не ги прифатиле веднаш количките.

До крајот на годината, Голдман произведувал колички за пазарење. Тие се покажале како исклучително популарни, а до 1940 година имал 7-годишна листа на чекање за своите колички за пазарење. Тој ги нарекол овие колички за пазарење „преклопни корпи“. Голдман продолжил да ги подобрува своите колички за пазарење, а во 1947 година ја основал компанијата Фолдинг Баскет Кериер Ко. за производство на „колички за вгнездување“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот