
Нема зголемување на неработни денови: Црквата бара сите да бидат дома за Свети Никола, Владата не дава
Во Законот за празниците е утврдено кои државни и верски празници се неработни денови, а за да се направи било каква промена потребно е да има иницијатива или предлог по кој ќе се одлучува, но до овопј момент таква постапка не е започната, велат од Владата за „Слободен печат“. Според Календарот на МТСП во 2025-та ќе има вкупно 4 продолжени викенди за сите граѓани, односно 6 за граѓаните од православна вероисповед
Освен предвидените со Програмата за неработни денови и државни празници на Министертвото за труд и социјална политика, македонските граѓани годинава нема да добијат уште еден неработен ден. Таква потврда добивме и од Владата, од каде за „Слободен печат“ велат дека за да се направи таква промена потребно е да има иницијатива или предлог по кој Владата ќе одлучува.
Препорачано
-Ви посочуваме дека во Законот за празниците е утврдено кои државни и верски празници се неработни денови. За да се направи таква промена потребно е да има иницијатива или предлог по кој Владата ќе одлучува. Ве информираме дека до овој момент таква постапка не е започната – ни одговорија од Канцеларијата на владиниот портпарол.
Минатата недела, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски, Владиката Петар, на прославата на Свети Никола во Прилеп, меѓудругото упати апел до локалните власти, градоначалникот и општинската администрација, празникот од наредната година да биде неработен ден, за секој да може да ги посети светите храмови.
-Упатувам апел до градоначалникот, претседателот на Советот и општинарите, да се прогласи овој ден да биде ден слободен, неработен, и сите да се најдеме во храмовите, сите да прославуваме. Зошто да не сме сите слободни, па ако нема друг начин за да се прогласи овој ден да биде неработен, односно ден на прослава, ден на заедничко славење на Светиот Николај, нека биде макар со одработување во друг ден од седницата – порача Митрополитот Петар во Прилеп.
Според Календарот на МТСП во 2025-та ќе има вкупно 4 продолжени викенди за сите граѓани, односно 6 за граѓаните од православна вероисповед. Така догодина сите граѓани ќе имаат 11 неработни денари, или еден ден помалку за разлика од 2024-та. Лани во Македонија имаше 12 неработни денови, според инфографикот на „Пиксел“, кој го објавија медиумите. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој најголем број на неработни денови (15) во Европа имаат вработените во Турција, Словачка, Литванија и Летонија. Еден ден помалку има во Хрватска, Шпанија,Русија и Малта. Покрај во Македонија 12 неработни денови во една година има и во Италија, Чешка и Украина. Најмалку празници пак имаат Обединетото Кралство (8), Црна Гора (8) и Грција (6).
Работодавачите веќе одамна негодуваат дека одлуката за неработни денови без консултација со бизнис-заедницата претставува пречка за нивно ефикасно работење. Според претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, Македонија има мала и слаба економија со ниска продуктивност, а се расфрламе со работните денови како БДП да го остваруваме со пумпање нафта или земјен гас.
-Познато е дека и со државните празници сме европски, а можеби и светски прваци, а никого не го интересира како тој буџет се полни – потенцира Димитров.
Законот за празниците ги определува државните празници и неработните денови
Законот за празниците ги определува државните празници и неработните денови, но според ОРМ, тој не може да биде основ Владата да утврдува и други неработни денови.
-Членот 91 од Уставот што ја регулира надлежноста на Владата ги утврдува таквите надлежности, но само во рамките на законските решенија. Оттука, овој член од Уставот не ѝ дава право на Владата со заклучоци да воведува нови неработни денови. Правото на надомест за неработни денови и празници на работниците во Законот за работните односи се однесува само на „со закон определени слободни денови“. И во ОКД е регулирано дека додатокот на плата се однесува само за неработни денови што се утврдени со закон – порача Димитров пролетва откако Владата ги прогласи за неработни изборните денови.