
Нема свадби, нема фризура и музика, нема ниту пари: Коронавирусот ги стави прославите на почек
Многу млади сè подготвуваа неколку месеци наназад, резервираа сала за свадби, музички бенд, лимузина, услуги за фотографирање, избираа декорација и испраќаа покани. За жал, сите овие работи мораа да бидат откажани.
Веќе месец и половина Македонија живее во изменето секојдневие, што е последица на пандемијата од коронавирусот која го зафати целиот свет. Нема собирање за родендени, мекици, имендени, ниту пак свадби. Тоа што започна со затворање на игротеки, обложувалници и ресторани, стигна до четиридневен карантин за велигденските празници и неможност за напуштање на домот поради опасноста од ширење на коронавирусот.
Препорачано
Православните обичаи налагаат за време на велигденскиот пост да не се прават свадби, па секако за периодот помеѓу март и април и не беа планирани свадбени прослави, но коронавирусот им ги расипа плановите на сите кои имаа закажано свадба во претстојниот период.
Деновиве, брак се склучува со најосновните формалности потребни за бракот да биде законски, само со двајца сведоци и без присуство на роднини и пријатели. Брак обично во вакви ситуации склчуваат оние кои не можат да почекаат подобри времиња. Доколку невестата е во поодмината бременост и не сака да роди вонбрачно дете, или пак, доколку еден од младенците е странец и треба да го продолжи престојот.
Многу млади сè подготвуваа неколку месеци наназад, резервираа сала за свадби, музички бенд, лимузина, услуги за фотографирање, избираа декорација и испраќаа покани. За жал, сите овие работи мораа да бидат откажани. Една од невестите кои мораа да ја откажат свадбата е и Дијана Димитриевска од Скопје.
– Требаше на 31 мај да правиме свадба. Поканите беа веќе направени, договорени ми беа и бендот како и студиото за фотографирање. Имавме закажано и венчавање во црква. Моравме се да откажеме. Ја презакажавме свадбата за 11 октомври. Среќа што терминот им беше слободен и на музичарите и на снимателите, па успеавме да се усогласиме. Го презакажавме и венчавањето во црква. На почеток бев многу разочарана, сакав се да биде совршено, еднаш правам свадба, но добив голема емотивна поддршка од најблиските, па успеав да соберам сила и енергија и да ги повторам подготовките – вели за Слободен печат Дијана.
Извисија и музичарите
Музичарите ќе останат без хонорарот кој долго го чекаа. Априлските свадби се веќе откажани, а идните младенци почнуваат да ги откажуваат и свадбите закажани за во мај. Мики Ѓорѓиевски од Амајлија Бенд открива дека младите се во неизвеснот и почнуваат да ги откажуваат свадбените прослави.
– Оваа ситуација е на штета на сите, и на младите бидејќи им се расипува денот што долго го планирале, ама и на нас музичарите, кои од свадбените хонорари опстануваме. Еве во април ги откажавме сите свадби, но добрата вест е што младенците ги презакажаа за во јули, кога имаше слободни термини. Додека, за свадбите во мај, чекаме да видиме кои ќе бидат олеснителните мерки, кои се најавени, па ќе знаеме дали и тие свадби ќе се откажат – ни рече клавијатуристот во бендот.
Бидејќи свадбите се откажани, откажани се и термините за фризури во фризерските салони. Весна Трифунова од Центарот за едукации Акт, вели дека клиентките немаат за каде да прават фризури.
– Кафеаните и рестораните не организираат свадби и матури, по автоматизам нашата мајска сезона (која што впрочем не одржува цело лето ) за шминка, фризура и нокти е пропадната. Во секојдневието луѓето се помалку одат на работа па и немаат приоритетна потреба за да се средат, нели по дома седиме. Односно и за останатите што одат на работа со новите мерки на полицискиот час до 16ч , луѓето реално немаат време да си ги набават основните намирници од маркет и аптека, а не пак да се потшишаат, исфарбаат и слично. За жал, ние луѓето секојдневно живееме во се поголем и поголем страв во однос на вирусот, во однос на финансиите, во однос на тоа дали сите ќе ги задржиме работните места, дали сите ќе земеме плата следниот месец и слични глобални проблеми што го засегаат секој поединец во државава. Конкретно ние фризерите не сме опфатени со ниедна мерка за помош од страна на владата, ни велат слободно може да работиме не ни е забрането како на кафичите, кафаните и сл. , меѓутоа и покрај тоа што немаме забрана за работа немаме со кого да работиме , клиентите се редуцирани на минимум , доаѓаат само ‘’хитните случаеви’’, вели Трифунова.
Подобри времиња ќе чекаат и роденденските прослави. Игротеките останаа заклучени, сопствениците без приход, а славениците без роденден. Ирена Голомеиќ од Киндер парк, објаснува дека поради затворањето на игротеката, откажани се повеќе од 50 родендени.
– Игротеката ја затворивме уште пред да бидат воведени мерките, на 9 март, поради самосвест бидејќи работиме со деца. Во моментов немаме никакви приходи, потполно сме затворени, откажавме околу 50 родендени што беа резервирани до мај, а верувам дека овој период ќе беа закажувани уште многу термини за роденденски прослави, вели Ирена Голомеиќ од Киндер парк.
Не се прават дури и традиционалните мекици за новороденче. Ситуацијата е таква, што сите ќе мора да почекаме подобри времиња за повторно обединување и славење.