Нема реакција на изјавата на премиерот – „хибридни напади“ без докази се сеење магла и чад

Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нема одговор дали ќе го свика Советот за безбедност. Информации за евентуални акции нема ниту од Агенцијата за национална безбедност, ниту од Агенцијата за разузнавање. Единствено министерот Панче Тошковски „има индиции за хибриден напад“, но детали не кажа

Татко и ќерка поврзани со подружницата, „Ф-групација“, соработник на компанијата „Нула отпад“ и двајца вработени во групацијата каде што во саботата гореше електронски отпад во скопско Трубарево, тројца бездомници што непрописно собирале старо железо и друг отпад во Вардариште, и двајцата сопственици на депонијата во Визбегово, засега се единствените за кои официјално се води некаква постапка за пожарите што избувнаа во изминативе недели низ Скопје и со денови ги трујат граѓаните.

Во краткотраен четириесет и осумчасовен притвор се четирите лица поврзани со рециклажниот центар во Трубарево каде што се складирале акумулатори, литиум-јонски батерии, апарати, возила и секаков електронски и друг отпад.

Според нашите информации, во притвор завршија сопственикот на „Нула отпад“ и неговата ќерка, која управувала со „Ф-групацијата“ и која го презела раководењето откако нејзината мајка починала од канцер, како и двајца вработени што работеле таму со години. Во петокот попладне околу 16 часот ним им завршило работното време, а за пожарот им јавиле кога се случил. Како се случил – нема информации, затоа што видеонадзорот изгорел.

Притвор од 48 часа за четворицата приведени за пожарот во Трубарево

Ваков отпад тешко се пали, но и тешко се гасне. Оние што го палеле Вардариште се во притвор, додека за сопствениците на депонијата во Визбегово постапката е во тек. Ова се единствените официјални информации од Обвинителството за пожарите во дивата депонија Вардариште, во „Дрисла“ и во Трубарево, кои со недели ги трујат скопјани.

Ниту една информација не е поврзана со некаква организирана група што намерно пали или некаков „хибриден напад“ што „доаѓа од различни центри на моќ во државата и надвор од неа против оваа власт“, за што зборуваше премиерот Христијан Мицкоски. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, според одговорот што ни го дадоа, засега не истражува организирана акција.

– Обвинителството е орган што во согласност со закон ги гони сторителите на кривичните дела, додека нивното откривање е во надлежност на МВР. Доколку во конкретните настани се утврдат елементи на кривични дела од областа на организиран криминал, ОЈОГОКК ќе постапи во согласност со своите надлежности – велат од ОЈОГОКК.

Тошковски најави дека „ќе се оди најдлабоко“

Оваа изјава на премиерот остана без сериозна реакција и од другите институции.

Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нема одговор дали ќе го свика Советот за безбедност. Информации нема ниту од Агенцијата за национална безбедност ниту од Агенцијата за разузнавање, иако токму нејзина надлежност е да собира разузнавачки информации за закани и ризици од странство за заштита на националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот, загарантирани со Уставот.

Единствено министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека има индиции за „хибриден напад“, но детали не кажа.

Што ќе се мери во воздухот над Трубарево – никел, арсен, олово, кадмиум, жива

– Во интерес на истрагата не би можел да споделам повеќе информации. Будни сме, присутни на терен, МВР ги презема сите надлежни дејствија во однос на последниот пожар што го имавме во фабриката во Трубарево. Беа вршени информативни разговори со четири лица, по наредба им е одреден краткотраен притвор. Ќе ги преземеме сите мерки и ве уверувам дека за секој еден за кој постојат докази дека учествувал во ваков тип еколошки криминал уште како ќе следуваат соодветни дејства од МВР. Убеден сум дека во истата насока ќе продолжат и Обвинителството и судот, затоа што македонските граѓани заслужуваат и безбедна и чиста Македонија – рече Тошковски и најави дека ќе се оди најдлабоко што може во сопственичката и управувачката структура.

https://www.slobodenpecat.mk/toshkovski-tvrdi-deka-ima-indicii-za-hibriden-napad-vo-nabljuduvanjeto-na-deponiite-kje-se-vkluchela-i-anb/

Министерот дополни дека депониите ќе се следат и ќе се набљудуваат, дури и од АНБ.

– Тоа значи дека ќе бидат вклучени не само капацитетите на Министерството за внатрешни работи, туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност. Ќе бидат максимално интензивирани набљудувачките системи што ги има МВР, не само на СВР Скопје, туку и на сите други организациони единици, како што е организиран криминал, гранична полиција, капацитетите на останатите единици. Фокусирани сме на набљудување на овој проблем и на конкретни чекори за расветлување и преземање превентивни дејства за ризичните точки – рече Тошковски.

Првиот запален отпад што почна летово да го труе Скопје беше тој во Визбегово, каде што гореа стари автомобили, шасии и железо, а чии сопственици нападнаа новинарска екипа, за што добија и условна осуда. Обвинителството тукушто ги добило вештачењата и по нивната анализа се очекува да биде донесена одлука дали против нив ќе биде поднесено обвинение. По анализа на вештачењата, во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет.

– До Основното јавно обвинителство Скопје тукушто се доставени вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката што се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго, на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад. На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

https://www.slobodenpecat.mk/ojo-radijacija-ne-e-detektirana-kontaminacijata-e-hemiska-po-pozharot-vo-trubarevo/

Во Вардариште живеат околу 200 луѓе

На почетокот на месецов гореше дивата депонија Вардариште, каде што, според Тошковски, живеат околу 200 луѓе, за кои тврди дека „не може тукутака да ги избркаат“. За палење на оваа депонија во притвор се три лица, кои според обвинението против нив, речиси пет години откупувале старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.

Тие вршеле депонирање, фрлање и непрописно транспортирале отпад, со што создале диви депонии што биле констатирани при опожарување на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејства обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, констатирало Обвинителството.

„Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела. По наредбите се постапува“, додаваат од Обвинителството.

Среде Вардариште живеат 200 луѓе, дел од нив постојано потпалуваат, вели Тошковски

Во меѓувреме, се уште чади и од „Дрисла“ од каде што на информативен разговор беа викнати вработените, а какви дополнителни дејства презеде МВР – нема информација. И оние лица што се истражуваат за Вардариште и оние што раководеле со складиштето во Трубарево се сомничат за загрозување на животната средина и природата со отпад. Иако во Кривичниот законик има кривично дело „екоцид“, засега за ова кривично дело никој не се гони. Од Обвинителството велат дека некој ќе се гони за ова кривично дело ако се обезбедат докази.

Филипче бара оставки

Претседателот на СДСМ Венко Филипче го обвини Мицкоски за злоупотреба на безбедносната сфера во државата од врвот на државата, по неговата изјава дека државата била цел на хибриден напад.

– Мислам дека ниту еден премиер досега не се осмелил вака да ја потресе ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата, ниту да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата – истакна претседателот на СДСМ.

Филипче истакна дека ако изјавите на Мицкоски за хибридни напади биле точни, институциите морале веднаш да реагираат.

– Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе Армијата, требаше на терен и во јавност да излезе министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО како наш стратешки партнер.

Ништо од тоа не се случува – посочи тој и побара оставки и одговорност од министерот за здравство и министерот за внатрешни работи поради „несоодветното справување со пожарот во депонијата во Трубарево и загрозувањето на здравјето на граѓаните“.

– Треба да си поднесе оставка министерот за здравство. Ги излажа граѓаните дека воздухот не е загаден. И како го докажаа тоа? Треба одговорност и оставка да поднесе министерот за внатрешни работи. Најави дека треба да се евакуираат луѓето, а понатаму владиниот портпарол рече дека никој не се јави во Центарот за згрижување што го ослободиле тука, во непосредна близина. Значи, немало соодветна евакуација, иако најавиле дека треба да ја има – изјави Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот