Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Нема работници, ама на газдите не им се даваат договори на неопределено

Договорите на определено работно време не создаваат никаква правна сигурност за вработените за да може нешто да планираат – не се кредитно способни, не може да планираат семејство, а и се незаштитени во однос на неоправданите откази, велат од Сојузот на синдикати

Во текот на минатата година се регистрирани 85.925 пријави на неопределено работно време, а дури 124.051 на определено, покажуваат податоците од Агенцијата за вработување. Сепак, ова не значи дека 124.051 луѓе се вработени на определено време, може еден човек да биде пријавуван на еден месец и така за него да има 12 евиденции на определено време. Но, како и да е, практиката за вработување на определено време продолжува на голема врата.

Едно од клучните барања на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во врска со новиот закон за работни односи за кој веќе долго време се кршат копјата со работодавачите, е на определено работно време да може да се држи работникот најмногу до една година, за разлика од сегашното законско решение според кое е дозволено работникот пет години да се води на определено време.

– Во изминативе седум години постојано слушавме ветувања дека новиот закон за работни однос ќе се донесе до крај на годината, но никако не се прецизираше за која година станува збор. Сојузот на синдикати на Македонија предлагаше и предвидуваше во новото законско решение да може да има работа на определено време до една година, а не до 5, како што е сега. Договорите на определено работно време не создаваат никаква правна сигурност за вработените за да може нешто да планираат – не се кредитно способни, не може да планираат семејство. Со договорите на неопределено време, работниците повеќе се заштитени. На пример, мора да има дисциплински престап, или работникот самоволно да го напушти работното место, а многу е потешко да се даде отказ од страна на работодавач. Ние бараме максималната работа на определено време да биде една година, затоа што ако некој е работник, или не е, тоа може да се види и за шест месеци – вели Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Тој објаснува дека со години се изигрува дури и работа на определено време.

– Во иста компанија, ќе се мени нешто во описот на работното место, и така ќе се задржат работници на определено време и по пет години. Имаме и такви случаи. И повеќе од пет години да работат на определено време – тврди Пешевски.

Ваквото изигрување на Законот, пак, е овозможено со самата законска регулатива. Во член 46 од Законот за работни односи пишува: „Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење исти работи, со прекин или без прекин до пет години“. Тоа „исти работи“ е мета за можни злоупотреби. Со новата регулатива, која остана само нацрт на хартија, беше предвидено независно од работното место во една фирма да има работа на определено време најмногу до две години.

– Да, попуштивме и во еден момент рековме нека биде и две години, ама за сметка на тоа да се добијат некои други права. Но, ете и таа верзија остана во фиока – вели Пешевски и додава дека нивниот став е дека не треба ни ден повеќе од една година да има работа на определено време.

Пешевски вели дека на нов закон за работни односи, како да се заборави во државава и „кај немаме работници, уште се уценуваат со вакви договори и со мизерни плати“.
Сојузот на синдикати не добил покана од Владата да седнат на заедничка маса. Нема најава ниту за свикување на Економско-социјалниот совет на кој ставовите би ги пеглале работодавачите и синдикатите.

– Како што е познато, се раздвои некогашното Министерство за труд и социјална политика, така што социјалата е во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а прашањата околу трудот ги третира Министерството за економија и труд. Сега сè уште не прецизирано кој ќе биде претставникот, дали од едно министерство, или можеби од двете – појаснува Пешевски.

Работата на определено време, во време на ковид-кризата особено ја откри својата темна страна. Работодавачите кога им се намалија приходите, едноставно, во голем дел престанаа да им ги продолжуваат договорите за работа на вработените по истекот на нивниот договор за работа на определено време. На тој начин тие беа оневозможени да се жалат за неоснован прекин на работата, а не можеа да бидат и во онаа група работници што ќе останат дома во случај на „виша сила“ и кои според Законот добиваат 50 отсто од платата, или пак во онаа група што не оди на работа од „деловни причини“ на компанијата и која зема 70 проценти од својата плата.

Во однос на другите права, како што е годишен одмор, или надоместок за годишен одмор, и работниците на определено работно време ги имаат истите права како и оние на неопределено работно време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот