
„Нема место за турбофолк“: Градоначалникот на Пула забрани концерт на Ана Бекута и Кеба
Градоначалникот на хрватскиот град Пула, Филип Зоричиќ го забрани концертот на српските пејачи Душко Кулиш, Драган Којиќ – Кеба, Ана Бекута и Зорана Миќановиќ, кој требаше да се одржи на 25 март во Спортскиот центар во Пула.
Препорачано
Причината за оваа одлука е бидејќи градоначалникот не бил задоволен од типот на музика (турбофолк) којашто ја изведуваат овие изведувачи, објави „Глас Истре“.
„Иако целиот тим на ‘Хилјадарка’ беше со голем ентузијазам за овој концерт, не можевме да ја смениме одлуката на градоначалникот на Пула, г-дин Филип Зоричиќ, кој одлучи дека „на јавните простори во Пула нема да има турбофолк музика“, посочуваат од продукцијата „Хилјадарка“, која го организираше спорниот концерт.
Оттаму открија и како се одвивала комуникацијата со градоначалникот Зоричиќ.
„Уште од самиот почеток, комуникацијата од негова страна беше исклучително непријателска и многу арогантна. Бевме изненадени што градоначалник на еден таков голем град комуницира на таков начин и произволно одлучува за приватни проекти, носи огромна загуба, дискриминира и се однесува како локален шериф, истакнувајќи ги неговите ставови дека е ориентиран кон верата. Но, како што знае целата јавност, верата не се изразува на таков начин“, истакнуваат од „Хилјадарка“, додавајќи дека ќе ги бараат своите права и на суд.
View this post on Instagram
Од „Хилјадарка“ напоменуваат дека не им е јасно како во 21 век некој може самоволно да носи одлуки поради некакви лични ставови, на штета на организаторите и публиката, која, како што велат од продукцијата, со голем ентузијазам го очекувала овој концерт.
„Исто така напоменуваме дека споменатите изведувачи не се турбофолкери, туку пејачи на народна музика. И да биле, не би требало да има проблем. Споменатите изведувачи ги носиме во други региони и нема апсолутно никаков проблем да настапуваат“, заклучуваат од продукцијата.
View this post on Instagram