Сашо Клековски дир. на фонд за Здраство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема медицински сестри, па руралните матични амбуланти 2 години ќе смеат да работат без нив, најави ФЗОМ

Руралните амбуланти во кои нема медицинска сестра и каде останал само доктор, наредните две години ќе може да продолжат да функционираат и нема да треба да се затворат, информираше денеска директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски.

Ваквата одлука ќе се спроведе со измена на внатрешен правилник, а на барање на Здружението на приватни матични лекари, откако изминатите месеци 48 ординации меѓу кои и од Блатец, Виница и Радовиш алармирале дека немаат медицинска сестра и ризикуваат затворање.

Сашо Клековски директор на Фондот за здравство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во малите места било тешко да се најде медицинска сестра, па за да не пропадне целосно било каква здравствена заштита за граѓаните – Фондот им дозволува да работат 2 години без сестра. Во тие 2 години ќе се гледа да се создаде кадар, а во меѓувреме се оди со девизата дека е подобро да има било каква здравствена заштита макар само од доктор, отколку да нема никој.

-Најдовме заеднички јазик за руралните амбуланти кои навистина треба да ги сочуваме, народот да се лекува и граѓаните да имаат пристапност до доктор. Во малите места каде недостигаат медицински сестри, докторите ќе продолжат да работат.

Со тоа ги спасивме тие ординации, зашто старите закони веќе не се функционални, рече претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова.

Средба во ФЗОМ со Здружението на приватни матични лекари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски истакна дека на состанокот со матичните лекари се разговарало и за дестимулативните мерки, казните, капитациониот бод, но и матичните лекари да почнат активности за превенција на карцином кај пациентите.

-Очигледно дека дефицитот на кадар и неатрактивноста на примарната здравствена заштита бара преиспитување на целиот концепт. Со овој концепт набргу би останале без матични лекари не само во руралните градови туку и во помалите и во периферијата на поголемите градови. Ни треба нов поглед. Ако претходно системот се грижел да ги вработи сите невработени доктори и сестри, сега такви нема.

Затоа, мерките во однос на руралните доктори се темпирани на 24 месеци. Ќе им биде дозволено да работат без медицинска сестра следните 24 месеци во кои мора да дадеме системски поглед на прашањето за тоа како ќе функионираат понатаму. Зголемени се фиксните примања за руралните доктори за 22.500 денари, зашто имаат зголемени трошоци и зашто патуваат до ординациите, рече директорот Клековски.

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој додаде дека матичните лекари и Фондот ќе мора преку работна група да се договорат за капитацијата, дестимулативните мерки и казните до средината на декември. За Здружението на приватни матични лекари прифатливо е капитационот бод наместо сегашните 75 денари да биде 100 денари.

-Мора да најдеме една заедничка граница колку ќе  биде покачувањето на капитациите, а колку ќе се укинат дестимулативните мерки за да најдеме решение за сите матични доктори.  Спремни сме да ги погледеме сите казни заедно со Здружението и да бидат казнувани само повторливи дејанија и лажните боледувања, рече Клековски.

ФЗОМ / Фото Драган Митрески „Слободен печат“

Во ФЗОМ се размислува да се укинат некои од претходните цели кои им беа поставени на матичните лекари како на пример, контролата на дијабетесот бидејќи тој се контролира со друга програма, а да се додадат нови цели – превенција од најчестите форми на рак.

-Работиме на е-рецепти кои до средината на 2025 треба да бидат во пробна употреба и во функција со што ќе се елиминира хартијата комплетно и кај матичните лекари и во аптеките и во ФЗОМ поврзано со рецепти. Ќе ги дигитализираме сите анекси за над 1.500 приватни здравствени установи за тие да може да се потпишуваат дигитално без да се доаѓа физички во Фондот, најави Клековски.

Раководството на ФЗОМ на средба со матичните лекари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова истакна дека капитациониот бод од јануари се надева дека ќе биде 100 денари за матичните лекари.

-Бараме сигурност, да можеме на вработените да им даваме квалитетни плати, да исплаќаме К-15, да ги задржиме и да не се прелева нашиот кадар во јавното здравство. Ако платите се покачуваат само во јавното здравство, нашите медицински сестри од приватното ќе се прелеат во државното здравство. Не е целта да го дестабилизираме примарното здравство кое е основниот чувар на здравјето за сите. Нас ни требаат ординации и во Дебар, и во Дојран и во Валандово. Само така ќе го задржиме народот таму, истакна Чолакова Дервишова.

На 3 декември ќе биде познато колкав ќе биде буџетот на ФЗОМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот