Нема абер од пиштолот со кој беа убиени Вања и Панче?

Во оваа фаза, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали. Од првиот момент кога се изнесени таквите наводи, Обвинителството презема определени проверки. Со оглед на тоа што предметот е во фаза на судска постапка, Обвинителството е исклучително претпазливо со цел да не ја наруши постапката и правата на обвинетите, ни одговорија од Обвинителството на нашето прашање дали е пронајден пиштолот со кој е пукано во жртвите

Јавното обвинителство соопшти дека извршило претрес на две локации, но не и дека е пронајден пиштолот, со кој според обвинението, првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо ги убил малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Зоран Давитков, кого на последното рочиште од судењето го посочи обвинетиот Велибор Манев дека бил задолжен од Палчо да го уништи синиот ранец со пиштолот, беше приведен и одредени му се мерки на претпазливост.

Обвинителство на прашањата од „Слободен печат“ дали откриле што направил новиот осомничен за помагање со ранецот и дали е најден пиштол, не открива никакви детали и тврди дека постапувало од првиот момент кога Манев ги спомнал наводите, иако Давитков го приведе дури откако беше откриено неговото име.

– Во оваа фаза од постапката, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на обезбедените докази. Од првиот момент кога се изнесени таквите наводи, Обвинителството презема определени дејства на проверки. Меѓутоа, со оглед на тоа што во конкретниот случај предметот е веќе во фаза на судска постапка, Јавното обвинителство е исклучително претпазливо во однос на дејствијата кои што ги презема со цел да не ја наруши постапката и правата на обвинетите – пишува во официјалниот одговор од Обвинителството.

Велибор Манев вели дека во Народна Банка работи човекот што го уништил пиштолот со кој Палчо ги убил Вања и Панче

Во соопштението што го објавија по сведочењето на Манев, од Обвинителството кажаа дека со судски наредби биле направени претреси на две локации, но не се споменува дека е најден пиштолот.

– Според исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол, со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејства – соопшти Обвинителството по исказот на Манев.

Обвинителството тврдеше дека нема потреба да се бара затоа што и без пиштолот имале доволно докази, но посочениот помагач го обезбеди откако минатата недела откако Манев со име и презиме го откри во завршниот збор.

 

ВИДЕО | Туфегџиќ побара таткото на Вања да биде ослободен, а судот да не носи компромисни одлуки раководени од трошоците што ќе му припаднат кога ќе биде ослободен

– Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народната банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. Јас немав сознанија дека Палевски планира да убива. Зар би копал три метри дупка и би ја маскирал и покривал со таваници како влезна врата кога би знаел дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб – рече Манев.

Судскиот процес привршува и утре треба да биде соопштена пресудата за петтемина обвинети, за Палевски кој е обвинет дека го убил велешанецот за со неговиот автомобил да ја грабнат Вања и да ја убијат. Со него на обвинителна клупа се и Влатко Кешишев, Манев, Боре Видевски, како и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

Судскиот процес финишира в среда кога треба да биде соопштена пресудата за петмината обвинети, за Палевски кој е обвинет дека ги убил и велешанецот за со неговиот автомобил да ја грабнат Вања и малолетното девојче. Со него на обвинителна клупа е и неговиот верен „слуга“ Влатко Кешишев кој ја однесе полицијата до местото каде е закопано девојчето, за Манев, за Боре Видевски, како и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој тврди дека е невин и за кого не беа презентирани докази дека контактирал со обвинетите.

– Немаат доказ дека таткото контактирал со Палевски. Јас лично не го познавам, а и тој самиот кажа дека не ме познава. Како дадов изјава дека се слушале, веќе ви кажав, со ќотек. Се прашувам каков интерес би имал да го бранам Сашо со мојот исказ, а за него првпат слушнав во полициска станица. Некој овде лаже – рече Манев.

ВИДЕО | Одбраната бара ослободителни пресуди за Кешишев, Манев и Видевски за убиствата на Вања и Панче

Боре Видевски не даде завршен збор, бидејќи, како што рече, нема што да додаде повеќе од она што го кажал неговиот бранител кој побара ослободителна пресуда бидејќи обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент.

Обвинетиот Кешишев, пак, во своето обраќање пред Судот рече дека се кае и оти има грижа на совест за тоа што бил заедно со останатите обвинети, за кои, рече, разговарале, испланирале и завршиле сами сè, додека нему му било кажано да молчи и да не се меша.

Палевски пак вината ја префрли на другите обвинети. Манев го посочи како организатор на убиствата, Видевски како извршител, додека Кешишев бил стражар. Таткото во судница праша зошто е убиена неговата ќерка, а мајката пак преку писмо до јавноста побара правда за нејзината ќерка. На обвинетите им се закануваат доживотни затворски казни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот