климатски промени
Протест против климатските промени / Фото: Pexels / Markus Spiske

Неколку европски држави бараат поголеми ресурси за справувањето со климатските промени

Претседателите на Франција и Кипар и премиерите на Грција, Хрватска, Малта, Италија, Португалија и Словенија, преку писмото упатено до претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, информираат за недоволни финансиски средства и за потребата за зголемување на расположливите ресурси за справување со последиците од климатските промени..

Во заедничкото писмо што го објавува грчката државна телевизија ЕРТ, лидерите на осумте земји, сите дел од групата МЕД9, пишуваат дека „климатските промени не само што се на нашиот праг, туку веќе станаа дел од нашиот живот, како што нѐ потсетија неодамнешните природни катастрофи во регионот“.

„(Климатските промени) Им се закануваат на нашите земји, на економијата, бизнисите, на граѓаните поединечно и како целина и ја поткопуваат социјалната кохезија, развојот, просперитетот, иднината и нашите животи. Ѝ се закануваат на ЕУ како целина. Стана очигледно дека нашите политики и буџетски ресурси не се доволни за решавање на ова прашање, додека зелената транзиција и адаптацијата на климатските промени се наша главна цел, постои ограничено олеснување на краток и среден рок“, се наведува во писмото.

Додаваат дека сите ресурси, материјални, човечки, оперативни и финансиски кои им се на располагање „се покажаа како несоодветни“, а штетите се непроценливи.

„Мора да дејствуваме веднаш и колективно. Како општество, како поединечни земји и како Европска Унија – врз основа на двонасочен пристап кој веќе треба да го промовираме во нашите претстојни дискусии. Прво, евидентно е дека расположливите финансиски средства се тотално несоодветни. Фондот за солидарност за 2023 година е исцрпен, заедно со делови од средствата за 2024 година кои би можеле да ги искористиме со исплаќање однапред“, објаснуваат лидерите на осумте земји.

Паралелно, истакнуваат дека мора да работат со цел зголемување на расположливите ресурси и зајакнување на средствата и механизмите за справување со последиците од природните катастрофи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот