Виена ресторан/ Фото Huber images / Profimedia

Некогаш во кафеана се одеше со песна, а сега со дигитрон

Цените во македонските ресторани се проектирани за странските гости, вели за „Слободен печат“ Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, и додава дека за 95 отсто од македонските граѓани, одењето во кафеана стана луксуз

Македонските граѓани треба двапати да размислат пред да влезат во кафеана, оти за еден скромен ручек за четворица со по една пијачка ќе треба да издвојат околу 100 евра. Некогаш во кафеана се одеше со песна, а сега со калкулатор, коментираат најголемиот дел од граѓаните. Најмногу се поскапени салатите, готвените јадења и слатките, но ништо поевтини не се и пијалаците, како и обичното кафенисување. Онлајн менијата на некои ресторани покажуваат дека една порција шопска салата се движи од 200 до 240 денари, додека јадењата на скара се движат од 280 до 420 денари.

Килограм печено месо оди и до 2.500 денари, порција помфрит и до 150 денари, додека разните мезиња, кои се состојат од сирења, ајвар, похувани тиквички или модри патлиџани одат и до 300 денари. Пиците се од 300 до 800 денари во зависност од додатоците. Парче леб чини најмалку 30 денари, иако главно се служат лепињи од 40 денари, па сè до популарната нафора од 140 денари, што во суштина е леб потпечен на скара.

Нема чаша пиво под 130 денари, а некаде е 150 денари, додека најевтиното парче десерт е 100 денари. Цените во македонските ресторани се проектирани за странските гости, се согласува Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, и додава дека за 95 отсто од македонските граѓани, одењето во кафеана стана луксуз.

Инаку, храната носи најмногу пари во угостителството и од неа на крајот на 2022 година бил направен промет од речиси 8 милијарди денари, што е пораст од речиси 30 отсто во однос на 2020 година. Македонците и нивните гости трошат најмногу пари на безалкохолни пијалаци (речиси 900 милиони денари вкупен промет на крајот на 2022 година и речиси идентично за кафе 805 милиони денари). Добар промет е направен и од пивото – 768 милиони денари, што е идентично со сумата за испиените ракии и други жестоки пијалаци.

– Цените во кафеаните не се високи во однос на состојбите во угостителскиот сектор. Инфлацијата силно го погоди секторот, па цените во однос на оние од пред две години се повисоки и за над 50 отсто. Ресторанскиот бизнис е најсилно погоден од недостигот на квалитетен кадар, бидејќи по келнерите, готвачите и скараџиите, на гурбет заминаа и газдите. Прво почна со намалување на работното време, па продолжи со затворање на кафеаните во недела, кога порано се правеше најголем промет, а во претходните две години се случува масовно затворање на кафеаните и рестораните. Тоа значи помала конкуренција и автоматски повисоки цени. Јас дури би рекол и дека ако се погледнат ресторанските менија, тогаш лесно може да заклучи дека цените на храната се проектирани само за странските гости – објаснува Керим за „Слободен печат“.

И податоците од Статистичкиот годишник за 2023 година говорат дека двојно е намален бројот на кафеани во земјава. На крајот на 2022 година ги имало само 74, за разлика од 2020 година кога нивниот број бил 143! Од македонското угостителско милје исчезнуваат и слаткарници, ќебапчилници, чајџилници и пицерии, покажува Годишникот. За само две години – од 2020 до 2022 година – се затвориле дури 100 слаткарници, педесетина ќебапчилници и чајџилници и четириесеттина пицерии! Така, лани во земјава имало само 34 специјализирани дуќани за слатки за разлика од 2020 година, кога биле дури 143. Ако пред две години ќебапи служеле 85 локали, сега тој специјалитет на менито го имаат само 30, а од некогашните 62 чајџилници, сега постојат само 6.

Во 2020 година во земјава имало 87 пицерии, една година подоцна нивниот број пораснал на 96, а на крајот на 2022 година, нивниот број се свел на 50. Угостителите брифираат дека сè тргнало надолу во пандемијата, а во последниве години високите цените на струјата и немањето доволно кадар е главната причина што сè повеќе угостители ставаат клуч на врата.

Статистиката вели дека од јануари до септември годинава, во однос на истиот период од минатата година, кумулативниот индекс на угостителските цени е зголемен за 5,5 отсто. Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги од јануари до декември 2023-та, во однос на истиот период од 2022 година се зголемил за 9,8 отсто, додека кумулативни за периодот јануари – декември 2022, во однос на истиот период од 2021 година, цените во кафеаните пораснале за 12,3 отсто. Ваквите зголемувања се совпаднаа со постковид периодот, бидејќи во 2021 и 2020 година, цените во кафеаните биле стабилни, и незначително растеле за 0,6, односно 0,4 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот