Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

Нека ме нарекуваат заостанат, но многудетното семејство е највисок патриотски чин, рече Мицкоски

Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, рече премиерот Христијан Мицкоски. Според него, многудетното семејство значи иднина и богата држава која ќе се развива во следните години.

Мицкоски на настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) зборуваше за важноста од семјството.

-Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. За тоа јас би сакал до сите македонски граѓани да упатам јасна порака формирањето семејство, а формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, рече Мицкоски.

Тој додаде дека според последниот попис имаме нешто над 1,8 милиони жители, над 700.000 се редовно вработени и околу 350.000 пензионери.

„Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд“, рече Мицкоски.

Според него, секој оној кој не разбира колку е ова сериозно не ѝ мисли добро на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот