Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Нефер трговијата нема да се толерира“ – Комисијата за заштита на конкуренција најави почести контроли

Целта не е казнување, туку создавање пазар со еднакви правила за сите – изјави претседателката на КЗК

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) најави поинтензивни теренски контроли и мониторинг на пазарот, со јасна порака до трговските синџири, супермаркетите, добавувачите и дистрибутерите – нефер трговијата нема да се толерира.

Во најновото јавно предупредување, КЗК потсетува дека сите економски субјекти мора строго да го почитуваат Законот за забрана на нефер трговски практики. Злоупотребата на пазарна моќ, еднострани промени на договори, доцнење со плаќања, враќање производи без основ, и други форми на притисок врз помалите играчи – се забранети и ќе бидат санкционирани.

„Фер трговија не е избор, туку законска обврска. Не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Целта не е казнување, туку создавање пазар со еднакви правила за сите“, изјави Малинка Силјановска Николиќ, претседателка на КЗК.

Таа упати повик за саморегулација, транспарентност и соработка, нагласувајќи дека стабилен и конкурентен пазар е можен само ако односите меѓу трговците и добавувачите се засноваат на доверба, предвидливост и договор – а не на уцени и закулисни условувања.

КЗК ги охрабрува сите компании кои се чувствуваат загрозени од нефер услови да пријават. Комисијата ветува целосна заштита на идентитетот и професионален пристап кон секоја пријава.

Во следниот период, КЗК ќе спроведе:

Поинтензивни теренски контроли и мониторинг на трговските синџири;

Отворени консултации со комори и добавувачи за препознавање на неправилности;

Постапки против компании кои системски го кршат законот;

Едукација и информирање на економските субјекти преку упатства и препораки.

„Време е за избор: дали ќе продолжиме со пазар каде што доминираат договори зад затворени врати, или ќе изградиме систем заснован на фер шанса за секого? Ние го избираме второто – и очекуваме истото од сите учесници во трговијата“, порачуваат од КЗК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот