Недостигот од професионални возачи бара очајни мерки, ЕУ предлага деца да седнат зад волан

камиони

Според новите европски правила, дури и 17-годишници ќе можат да возат камиони придружувани од професионален возач!? Кога ќе наполнат 18 години и ќе добијат потврда за стручна оспособеност, ќе можат сами да возат. Со истиот сертификат ќе можат да возат и помал автобус со најмногу 16 патници

Недостигот од професионални возачи на камиони или автобуси да се надомести со малолетни лица кои би седнале зад воланот, ги возбуди европските, но и домашните експерти. Тие сметаат дека ова би бил избрзан потег, кој сериозно ќе ја загрози безбедноста на патиштата. Искусни инструктори од македонските автошколи брифираат дека се почесто им се случува во кола да седнат лица кои не знаат да „свртат клуч во брава“, а камоли да управуваат со некоја камионска грдосија.

Според новите европски правила, дури и 17-годишници ќе можат да возат камиони придружувани од професионален возач!? Кога ќе наполнат 18 години и ќе добијат потврда за стручна оспособеност, ќе можат сами да возат. Со истиот сертификат ќе можат да возат и помал автобус со најмногу 16 патници. Сето ова поради хроничниот недостиг на возачи низ Европа, објави Н1 Хрватска.

Како превентива, европските институции, исто така, предлагаат неискусните возачи да поминат двегодишен пробен период, за време на кој ќе се соочат со построги казни за брзо возење и пиење. Бараат и задолжителни контроли кога се издава или обновува возачка дозвола. Според анализите на Меѓународната транспортна организација до 2025 година, во светот ќе се пензионираат повеќе од 2 милиона возачи.

Овој недостиг, но и слабиот интерес за овој сектор кај младите ќе направи уште еден проблем за транспортните компании, предупредува Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“. Јонче Апостоловски од Здружението на независни инструктори, возачи и автошколи, за „Слободен печат“ вели дека од аспект на зголемена работа, тие би требало да ја поддржат оваа одлука, но од аспект на безбедноста на патиштата, ја сметаат за избрзана.

– Јасно ни е дека основната причина да се преземе ваков чекор е огромниот недостиг од професионални возачи. Но, замислете каков проблем ќе донесе ваквата одлука ако некој малолетник добие возачка дозвола од „Ц“ категорија, тоа значи дека ќе може да управува со камион од 3,5 до 40 тони, кој е опасен празен, а камоли полн со товар – објаснува Апостоловски.

Хрватскиот Синдикат на возачи предупреди и дека младите и неискусни возачи можат да бидат сериозна закана на патиштата.

„Не си полнолетен на 17 години во Хрватска. Па кој би бил одговорен ако нешто се случи? Најпрво треба да се смени законот за луѓето да станат полнолетни на 17 години“, загрижен е Горан Хусинец, судски вештак за патен сообраќај.

Возачкиот инструктор Иван Шпаниќ за Дневник.хр. вели дека лакот на вртење и димензиите на големите товарни возила, кои се многу поголеми од патничките автомобили, предизвикуваат проблеми дури и кај искусните возачи. Денес, сепак, сè повеќе кандидати сакаат да седнат зад воланот што е можно поскоро, вели Шпаниќ.

„Претходно оваа професија ја извршуваа главно луѓе што имаа предиспозиции за неа. Сега, поради финансиските услови, многу луѓе што навистина не ги бива, стануваат професионални возачи“, додал Шпаниќ.

Но, и нив ги има сè помалку. Дневник.хр собрал податоци за 2021 и 2023 година – за категоријата Ц1, односно за камиони, лани во Хрватска биле издадени 14.000 дозволи, помалку од двете претходни години. За категоријата Д1, односно автобуси со до 16 патници, бројот на дозволи се зголемил за две години, но само за 408.

Ова не е вистинското решение и за синдикатите.

„Ние обучуваме возачи, а тие потоа одат во други земји од ЕУ, каде што им се подобри условите, особено платата“, тврди Миљенко Гочин од Хрватскиот сојуз на возачи. Возачите во просек добиваат околу 800 евра, но од синдикатот објаснуваат дека заедно со дневниците понекогаш достигнуваат и до 1.500 евра.

Што опфаќа новата предлог-регулатива на европскиот Комитет за транспорт?

Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН), експертски комитет за прашања за патниот транспорт, најави големи реформи на крајот на минатата година. Реформата би опфатила усогласено и полесно признавање на возачките дозволи што потекнуваат од трети земји, како и можност земјите членки на ЕУ да ја намалат минималната возраст за возачите на автобуси на 18 години, без ограничување на растојанието што можат да го возат. Досега таа граница беше 50 километри.

Уште во 2006 година, Европската Унија препорача ограничување од 21 година за возачите на камиони и 24 години за возачите на автобуси. Но во последниве години, индустријата за патен транспорт, која сериозно страда од недостиг од кадар, го детектира намалувањето на старосната граница за возачите како евтин и брз начин за решавање на проблемот. Лобирањето во индустријата наскоро се покажа успешно, а некои земји од ЕУ оттогаш ја намалија старосната граница на 18 години.

Она што го бараат здруженијата за патен транспорт е таквите правила да важат за цела Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот