Заклетва на судии во судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Недостигот на судии ќе затвори два суда?

Македонското судство Денот на правосудството 31 март го одбележува во лоша состојба – довербата на граѓаните е екстремно ниска, судовите немаат доволно судии, дури има и судови без судии, судството не добива доволно пари за да ги задоволи основните работи, дигитализацијата е далечна, а и до правдата се доаѓа по тежок пат, со долги процеси кои најчесто го надминуваат судењето во разумен рок. За дел од проблемите ќе се разговара утре, на стручна дебата што ја организира Здружението на судии.

Еден од најголемите проблеми е недостигот на судии, кој настана затоа што во изминативе години во пензија заминаа десетици судии, а трендот ќе продолжи. Најмногу се погодени основните судови, од каде што освен што се пензионираат кадрите, се одлеваат и при унапредувањата на судиите што се избирани како членови во Судскиот совет и во повисоките апелациски судови, каде исто, така, има значителен недостиг на судии.

Според најновите податоци од Судскиот совет, во основните судови за навремено и ажурно постапување по предметите бројот на потребни судии изнесува 434, а моментната пополнетост е 272 места. Нови судии и обвинители може да се добијат само од завршените слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, чиј број од генерација во генерација се зголемува, па според најновата одлука на Судскиот совет, во десеттата генерација ќе се запишат дури 162 кандидати за судии.

– Проекцијата за бројот на слободни судиски места за основните судови е изготвена врз основа на претходно изготвените анализи за потребниот број судии во сите судови и бројот на судии кои ќе се пензионираат во 2024, 2025 и во 2026 година. Во основните судови, во 2024 година ќе се пензионираат 11 судии, во 2025 година ќе се пензионираат 15 судии и во 2026 година ќе се пензионираат 14 судии, или вкупно 40. Исто така, при проекцијата е земено предвид дека осмата генерација кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се очекува да ја заврши обуката на крајот на 2024 година и брои 55 кандидати, а АСЈО за деветтата генерација запишува 100 кандидати за обука за судии во основните судови – соопшти Судскиот совет.

За сите судови вкупно, според систематизацијата, се потребни 639 судии, а пополнети се 391 судиско место. Од овие судии, речиси десет отсто се неактивни, односно на 36 судии местата им се оставени во мирување од различни причини. Според анализата на Судскиот совет, во апелациските судови се предвидени 118 судиски места, а во моментот судиската функција ја вршат 64 судии, што е половина од потребните. До крајот на 2026 година, од апелациските судови поради пензионирање ќе заминат 12 судии. Во Врховниот суд, пак, потребни се 26 судии, а во моментот работат 14 судии. За да се пополнат судиските места во апелациските судови и во Врховниот суд, ќе бидат потребни 85 судии, кои ќе бидат извлечени од основните судови. Ако нема унапредувања на судиите од основните во повисоките судови, до крајот на 2026 година во основните судови ќе останат 232 судии, во апелациските 54, а во Врховниот само седум судии!

– Недостигот на судии по судови не е рамномерен. Дванаесет суда работеле со помалку од половина од предвидените судии, меѓу кои и ОС Берово и ОС Крушево кои немаат ниту едно пополнето судиско место. Во овие два суда, претседателот на судот работи и како судија и е избран од друг суд. Основните судови во Прилеп и Струга работат со една петтина од потребниот број судии – објави Судскиот совет.

Проблемот со недостиг на судии нема целосно да се надмине со новите генерации слушатели, па се размислува и за укинување на два основни суда – во Кратово и во Крушево – кои би продолжиле да функционираат како одделенија на други поголеми судови. Судскиот совет размислува и со нова систематизација да се намали бројот на потребните судии во 12 суда, да се зголеми бројот во Основниот суд Кичево, а во другите 14 основни судови бројот на предвидени судиски места за оптимално функционирање да остане непроменет.

Од друга страна, во Македонија има по 21 судија на 100.000 жители, што е во рамките на европскиот просек. Според Евростат, во периодот 2019-2021 година, во Европа имало по 18 професионални судии на 100 илјади жители.

Годишно решаваат повеќе од половина милион предмети

Недостигот на судии не се одразува насекаде еднакво. Основните судови лани примиле вкупно 578.577 предмети, од кои решиле 558.336 предмети (96,5 отсто), со просечно време на решавање на предметите од 74,8 дена. На почетокот минатата година имале 93.072 нерешени предмети од претходниот период, а на крајот од годината тој број е зголемен на 113.313.
Кај второстепените судови ажурноста е речиси двојно полоша, односно просечното време за решавање на предметите е 146,79 дена. Бројот на нерешени предмети го зголемиле за две илјади, односно од 9.225 предмети на почетокот на годината, на крајот имале 11.264 нерешени предмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот